Курти: Договорот со Демократскиот сојуз на Косово е можен и потребен

од Aleksandar Petrovski
186 прегледи

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, смета дека договорот за заедничка влада со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), како второрангирана партија на изборите, е „можен и потребен“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Говорејќи на денешната трибина на ВВ на тема „Општествен договор: Жените за развој“, Курти рече дека сигурно ќе ги продолжи средбите со лидерот на ЛДК Иса Мустафа, затоа што граѓаните очекуваат тие две партии да се договорат за идната влада.

– Сигурно дека ќе има средби, невозможно е да немаме средби. Договорот е можен, договорот е потребен, затоа што тоа им е потребно на граѓаните. Меѓутоа тоа не е вест. Кога ќе ги имаме конкретните ррезултати, кога ќе го имаме договорот со неговите составни елементи, што ќе се придодаде на хармонизираната програма, ќе имаме што да кажеме, изјави Курти.

Двете досега опозициски партии, ВВ и ЛДК, ги започнаа преговорите за формирање на новата влада веднаш по изборите на 6 октомври, на кои победи ВВ со 26,27 отсто, а втор беше ЛДК со 24,54 отсто освоени гласови.

До застој во преговорите меѓу нив дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Конститутивната седница на новото, седмо по ред, Собрание на Косово по војната во 1998-99 година, е закажана за идниот четврток, 26 декември, со почеток во 15 часот.

Со барања до партиите на Курти и Мустафа да не одолговлекуваат и да постигнат договор за формирање на идната влада истапија мисијата на Европската унија, како и неколку амбасади и претставници на САД и на земјите од Западна Европа.

Слични содржини