Курти: Можноста за враќање на Трамп на власт ја загрижува Европа

од Nikola Popovski
856 прегледи

Зголемената можност за враќање на Доналд Трамп во Белата куќа ги исполнува европските лидери со „стрес и вознемиреност“, во голем дел поради наклонетоста на поранешниот американски претседател за ненадејни и неочекувани пресврти во политиката, изјавил косовскиот премиер Албин Курти во интервју за порталот „Семафор“.

Курти, исто така, оценил дека неговите лоши односи со Ричард Гренел, кој беше специјален пратеник на Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, „би можеле да претставуваат предизвик“ доколку Гренел повторно добие висока позиција во надворешната политика или националната безбедност во новата администрација на Трамп.

Курти ги повикал западните земји да го олеснат патот на Косово кон влез во НАТО и во Европската унија, посочувајќи на зголемените трошоци за одбрана од два отсто од БДП, што е целта што западната воена алијанса им ја постави на своите членки.

„Заслужуваме повеќе“, рекол тој.

-Ризикот од геополитичка криза на Балканот е постојана грижа на Западот: Србија и Косово, кои прогласија независност во 2008 година, постојано се во судир, при што Приштина бара од Белград да го признае Косово како суверена држава, додека Србија тврди дека Косово лошо се однесува кон нејзината српска заедница, пишува „Семафор“.

Курти рекол дека невидената поларизација во САД се повеќе станува проблем за европските лидери, кои мора да се справат со неизвесноста околу американската политика на ист начин како и американските политичари:

„Постојат одредени аспекти на владеењето и креирањето политики и јавното мислење, со кои САД се занимаваат денес за прв пат“, додал тој.

Говорејќи на маргините на собирот на тинк-тенк за глобални прашања во Лондон, Курти навел дека е малку веројатно долгорочната американска поддршка за Косово да се промени, но дека можното „враќање на претседателот Трамп… предизвикува одреден стрес и анксиозноста низ целиот континент, не само во Косово“.

Проблемот, продолжил тој, не е дека „нешто лошо може да се случи“, туку „стравот од нешто непознато“.

„Едноставно кажано, што тие (САД) ќе прават и како ќе размислуваат, и како одредена итност може да ја киднапира целата агенда, тоа е она за што луѓето најмногу се грижат“, истакнал Курти.

Косово ги зголеми трошоците за одбрана за да ја исполни целта на НАТО за трошење два отсто од БДП, додал Курти, и покрај тоа што не е членка на блокот. Европските нации кои трошат под тој праг и не преземаат доволно воен товар беа проблем на Трамп за време на неговиот мандат.

„Значи, можеби не сме на врвот на листата (на Трамп). Прво ќе се занимаваат со некои други земји“, низ насмевка прокоментирал косовскиот лидер.

Курти, исто така, се залага за зголемен ангажман од НАТО и приклучување кон алијансата, но таа амбиција во моментов е блокирана од четири земји-членки, а исто така на Косово му недостасува и државност признаена од ОН, што е уште една пречка.

„Немаме непосредна закана како Украина или Молдавија од Руската Федерација, но Косово, Босна и Херцеговина, па дури и Црна Гора, морам да кажам, не се целосно безбедни“, смета Курти.

Слични содржини