Курти најави тужба против Србија за воени злосторства: „Тајмингот е избран оти му завршува мандатот со цел за домашна употреба“

од Nikola Popovski
358 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера порача дека косовскиот премиер, Албин Курти и се заканува на Србија поради Советот на Европа, бидејќи преку институциите на таа меѓународна организација ќе поднесе тужби против официјален Белград. Коментирајќи ја најавата на Курти дека Косово ќе поднесе тужба против Србија за воени злосторства, Вучиќ потсети дека Курти чекал друга земја да поднесе тужба, бидејќи Косово не може да го стори тоа, бидејќи не е меѓународно призната земја, па некој мора наместо нив, а тоа е потешко. Ден претходно, Курти порача дека „во тек се подготовките да се обвини Србија, како земја, дека е одговорна за злосторствата извршени за време на војната во Косово, за злосторства против човештвото и геноцид“. Косовскиот премиер ја истакна важноста од ангажирање на Државното обвинителство во гонењето на осомничените за кривични дела, нагласувајќи дека правдата мора да биде задоволена за да се залечат раните кои останале отворени, додавајќи дека за сето тоа има живи сведоци.

Што би значело обвинението за понатамошниот дијалог меѓу двете страни?

Со оглед дека Косово не е членка на ОН, тужбата не може да биде поднесена во Меѓународниот суд на правдата. Дел од косовската јавност смета дека евентуална тужба против Србија, не треба да биде пречка за продолжување на дијалогот меѓу двете земји. Напротив, аналитичарот од Приштина, Фадиљ Љепаја во разговор за „Локално“ вели дека тоа би била можност Србија да се ослободи од товарот на минатото и да добие можност за сегашната администрација и политика да прави историски пресврт кон нова европска регионална политика и повеќе да не биде заложник на источните и средновековните идеологии и интереси. Едноставно, без тој пресврт, додава Љепаја, нема шанси дијалогот да заврши со нормализација на односите.

Фадиљ Љепаја

-Конструктивна и европска Србија навистина може да биде во интерес не само на граѓаните на Србија, туку и на целиот регион и наместо да се вооружува да војува со соседите, може да придонесе и да профитира од соработката во регионот, оценува соговорникот.

Според него, продолжувањето на политиката на Голема Србија и освојувањето територии не е основа за никаков дијалог.

-Државата Србија треба да преземе одговорност за она што е направено во име на тие идеи и да докаже дека тие повеќе не се цел на нивната држава. Мислам дека најавата на господинот Курти ја потсетува Србија и меѓународната заедница за што се работи и дека резултатот е невозможен. Довербата е невозможна без тој пресврт на Србија, дециден е аналитичарот.

И аналитичарот Леон Духанај исто така се согласува дека обвинението за воени злосторства е она што дефинитивно треба да се случи.

-Порано или подоцна, Србија мора да одговара за разорната геноцидна војна против Косово. Србија пред вооружената војна го уништи целиот систем, економски, образовен, културен итн. итн…, почнувајќи од чинот на сузбивање на автономијата кон крајот на 80-тите, до 1999 година кога беше принудена да ги повлече своите трупи од Косово, вели Духанај за „Локално“.

Леон Духанај

Според него, постои законска основа за такво нешто.

-Дали сега е време и дали владата на Курти ќе го стори тоа е прашање што треба внимателно да се постави. Секако, тужбата против Србија негативно ќе се одрази на процесот на нормализација на односите Косово-Србија. Во овој контекст, не мислам дека меѓународната заедница би поздравила некакво забрзано дејствување во таа насока, бидејќи нивната основна цел е успешно завршување на дијалогот, смета соговорникот.

Вели дека за Косово и Србија, па дури и за целиот регион, решението на косовско-српскиот спор би било голем чекор кон интегративна и просперитетна перспектива.

-Според мене, ваквите изјави на владата на Курти во овој момент, кога фокусот требаше да биде исклучиво на членството на Косово во Советот на Европа, немаат никаква цел со искрена позадина. Владата на Курти ги објавува овие изјави одвреме-навреме, кога тоа е потребно за домашна употреба. Целиот фокус Курти отсега ќе го има во служба на изборните цели, бидејќи му завршува мандатот, без да направи прогресивен чекор за да го оправда своето владеење пред граѓаните на Косово. Дури и тој, како и многу лидери во нашиот регион, во отсуство на вистински успеси и сериозни, политички и економски понуди до граѓаните, избира да манипулира со теми кои имаат националистичка конотација, ставајќи го прстот на отворените рани на граѓаните на Косово, со цел да се постигнат изборните интереси, смета Духанај.

Н.П.

Слични содржини