Курти: Не давам пари на градоначалниците кои не знаат да работат

„Не давам пари од државниот буџет и даноците за оние градоначалници кои не знаат добро да работат или за оние што крадат“, порачал Курти

од Nikola Popovski
0 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Албин Курти

Движењето Самоопределување ја започна кампањата за вториот круг од локалните избори со митинг во Приштина. Премиерот на Косово во технички мандат и лидер на Самоопределување Албин Курти ,меѓу другото, зборуваше и за буџетот, велејќи дека „не им дава државни пари на оние градоначалници кои не знаат да работат или на оние кои крадат“.

„Гласајте за партијата која значително ги зголеми платите и пензиите, стипендиите за студентите и надоместоците за децата на централно ниво“, рекол Курти, пренесува „Демокрација“.

Тој ги критикувал градоначалниците кои управувале со општините пред Самоопределување да ја преземе власта во нив.

„На локално ниво, каде што владеевме, инвестиравме многу повеќе од нашите претходници, од кои наследивме само долгови“, истакнал тој.

Курти им се обратил на гласачите на другите партии.

„Нашиот народ има многу мудри изреки, а една од нив вели: „Не гледајте кој е, туку погледнете што е направено“. Значи, драги граѓани, гласачи на други партии, овој пат не гледајте ја партијата, туку погледнете ја работата што е сработена и што ќе се сработи. Зошто истите инвестиции да не доаѓаат и во други општини? Размислете добро, граѓани, изберете го вистинскиот градоначалник што ви е потребен“, рекол лидерот на Самоопределување.

Тој исто така изјавил дека ќе го одржи своето ветување и ќе инвестира една милијарда евра за општините, но не за сите.

„Дадовме ветување и ќе го одржиме – една милијарда евра инвестиции за општините. Но, знаете, јас не давам пари од државниот буџет и даноците за оние градоначалници кои не знаат добро да работат или за оние што крадат. Не гласајте за оние што не знаат и не сакаат да работат, ниту за оние што знаат и сакаат да крадат. Кај нив нема инвестиции ниту развој, исто како што немаше во последните 20 години по војната“, заклучил Курти.