Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека од почетокот на својот мандат на чело на Владата се обврзал дијалогот меѓу Приштина и Белград да го претвори во рамноправен дијалог меѓу две рамноправни страни.
На седницата на Собранието на Косово на која ги информираше пратениците за постигнатиот договор во Охрид, Курти рече дека откако е презентиран француско-германскиот план, дијалогот влегол во втората фаза и дека сојузниците воспоставиле рамка со строги услови за да разликите останат во минатото.
Тој рече дека не може да се избегнат обврските од меѓународните договори, но додаде дека не може да се постигне подобар текст на договорот и дека е јасно оти Косово нема да биде оптоварено од ниту една друга владина структура и оти Заедницата на општини со српско мнозинство ќе нема извршни овластувања.
„Вредеше трудот бидејќи постигнавме нешто важно. Основниот договор потврдува дека меѓународните односи на Косово се развиваат врз основа на Повелбата на Обединетите нации и сите основни права што ја карактеризираат суверената држава. Србија се согласи да го третира Косово како рамноправна членка на меѓународната заедница. Србија, исто така, се обврза да не се заканува со употреба на сила, но јас сè уште не би верувал во тоа“, рече тој.
Курти додаде дека Косово и Србија, како две земји, мора да бидат посветени на развојот на нормалните односи.
Според неговите зборови, Србија не треба да го блокира членството на Косово во меѓународните организации и дека договорот и анексот за негово спроведување се де факто признавање со неповратен статус.
Курти додаде дека сите обврски утврдени со договорот и анексот се веќе во сила и се надгледувани од Европската унија.
Земјите кои соработуваат ќе добијат поттик за членство и финансиска поддршка од ЕУ. Но, нема соодветен степен на доверба, би рекол дека има висок степен на недоверба. Не можеме да имаме еднострано спроведување на договорот. Косово има свои законски обврски, јас се спротивставив на некои договори во минатото и продолжувам да работам за подобар резултат“, рече тој.
Собранието ја продолжува работата со излагањата на лидерите на опозициските партии, кои се и пратеници во косовскиот парламент.