Курти: Се уште не сум одлучил дали ќе одам на состанокот што го најави Борел

од Vladimir Zorba
420 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се уште не одлучил дали ќе оди во Брисел на средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, што претходно го најави високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.

Борел вчера изјави дека следната недела ќе ги покани Косово и Србија на состанок за „менаџирање со кризи“.

„Во врска со поканата на господинот Борел за средба во Брисел, ми е малку чудно бидејќи кога го прашавме за средбата во Брисел минатата недела, тој рече дека прво треба да ја деескалираме ситуацијата. И веднаш по киднапирањето на тројца полицајци од страна на српската специјална единица, Борел бара средба на високо ниво“, рече Курти.

Тој додаде дека повикот дошол кога „ескалацијата е голема како планина“.

Односите меѓу Косово и Србија беа дополнително затегнати откако двете страни презентираа спротивставени верзии за тоа што им се случи на полицајците.

Официјална Приштина тврди дека српските сили ги „киднапирале“ од територијата на општина Лепосавиќ на Косово, додека во Белград изјавиле дека биле уапсени од антитерористичките единици на српската жандармерија во општина Рашка во Србија.

По овие настани, владата на Косово донесе одлука за заострување на граничната контрола со Србија со цел „обезбедување безбедност на границите“, како и одлука за блокирање на увозот на стоки од Србија во Косово.

Слични содржини