Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Србија бесрамно го негира геноцидот во Сребреница, што го извршија српските сили во јули 1995 година во таа општина на истокот на Босна и Херцеговина.
„Кога властите (институциите) треба да излезат и понизно да се извинат, тие бесрамно го негираат геноцидот…“, рече Курти на 11 јули, по повод 27-годишнината од геноцидот во Сребреница.
„Штетата предизвикана од геноцидот во Сребреница е повеќекратна… не може да се поправи, но може да се препознае со прифаќање“, рече косовскиот премиер.
Во 1995 година, силите на босанските Срби убиле околу 8.000 мажи и момчиња од бошњачка националност во Сребреница.
Државниот врв на Србија негира дека се случил геноцид во Сребреница, нарекувајќи го „големо злосторство“, иако Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија осуди 20 лица за злосторства во Сребреница, од кои седум за геноцид.
Според податоците на Меморијалниот центар во Сребреница, Судот на БиХ за злосторства во Сребреница осудил 26 лица, од кои 13 за геноцид.
Поранешниот висок претставник во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, на крајот на јули 2021 година наметна измени во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со кои се забранува негирање на геноцид и други воени злосторства и глорификација на воените злосторници.