„Мислам дека е реално сите обврски поврзани со регрутните списоци да завршат до септември или октомври оваа година, а потоа од 1 март да започнеме со воениот рок“, изјави Вучиќ пред новинарите по посетата на новоизградената касарна за Одредот на воената полиција за специјални намени „Кобри“ во Белград.
Вучиќ рече дека воениот рок ќе трае 75 дена и дека тоа е „детска игра“ во споредба со 365 дена колку што траел порано.
„Сепак, тие момчиња ќе стекнат нови навики, поголема одговорност и сериозност, ќе стекнат животни навики и ќе научат што е држава. А државата ќе биде многу посилна“, изјави Вучиќ.
Претседателот додаде дека особено ќе се поттикнува изградбата на касарни во пограничните делови на земјата.
„Од Сомбор до Пирот, од Прибој до Заечар и во Кладово… Затоа што со тоа ги зајакнуваме и тие локални самоуправи. Војската ќе има свои плати, ќе троши пари во градовите, ќе доаѓаат нивните семејства и некој ќе треба и да ги прехрани. Така тие градови, де факто, ќе добијат една нова фабрика“, оцени тој.
Одговарајќи на критиките дека Србија заедно со Израел ќе гради фабрика за производство на воени беспилотни летала, Вучиќ рече дека не разбира дали го критикуваат или го пофалуваат, бидејќи се гордее со тоа достигнување и затоа што тоа ќе обезбеди Србија да има „најдобри дронови во овој дел од светот“.