Курти: Србија да беше заинтересирана за Србите, ќе гласаше за напредок на Косово

од Stefanija Kuzmanovska
433 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти ја критикуваше Србија, посочувајќи дека нејзината единствена намера е да го напаѓа Косово, а не да ги заштити Србите кои живеат таму, пишува „Косово онлајн“.

Курти рече дека поминале два месеца од инцидентот во Бањска и тоа е повеќе од доволно време за да се спроведе темелна истрага и да се воведат санкции кон Србија.

„Сметаме дека два месеца по терористичкиот напад во Бањска е повеќе од доволно време да се спроведе темелна истрага и да се извлечат заклучоци за овој чин на агресија на Србија врз нашата земја, со кој се нарушени државниот суверенитет, територијалниот интегритет и националната безбедност. Потребен е и заклучокот на Европската Унија, КФОР, ЕУЛЕКС, американските санкции и мерки против Србија од друга страна. Како прво, ова е неопходно за да не се повтори нешто слично на 24 септември. Мораме да го спречиме тоа сега, а не утре“, навел Курти.

Запрашан за изјавата на претседателката Вјоса Османи дека во нацрт-статутот на Здружението предложен од ЕУ идентификувала некои проблеми кои создаваат нејаснотии, Курти одговори дека делегатите можат да го презентираат нацртот пред јавноста, но дека тој нема да го стори тоа поради договорот со посредниците.

Тој додаде дека Србија продолжува да ги крши членовите од основниот договор и дека не е заинтересирана за нормализација. Тој ја критикуваше Србија, што, како што вели, докажува дека Здружението има намера да го напаѓа Косово, а не да ги штити Србите кои живеат таму.

„Доколку Србија беше заинтересирана за Србите, ќе гласаше за напредокот на Косово“, рече Курти.

Тој потсети дека нацртот за ЗСО го презентирале пет посредници на Европската унија и додаде дека треба да го презентираат во јавноста, нагласувајќи дека не сака да го прави тоа, бидејќи со тоа ќе се прекрши договорот со нив, кој, како што рече, ќе ѝ наштети на позицијата на Косово во преговорите.

„Што се однесува до мене, нека го објават нацртот и со тоа да го отворат патот за објавување на нашите предупредувања и критики. Како што знаете, на 26 октомври изразивме подготвеност да го потпишеме пакетот, а не само еден од текстовите, бидејќи ни беше кажано дека ситуацијата е итна – руската агресија во Украина не е завршена, војната на Блискиот Исток започна и ги имаме овие обиди за дестабилизација на Западен Балкан“, рече меѓу другото Курти.

Слични содржини