Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Скопје изјави дека процесот за нормализирање на односите со Србија не е лесен, бидејќи Белград нема ниту волја ниту желба за тој процес и затоа побара од соговорниците да се одвои евроинтеграцискиот процес за Косово од процесот за нормализација, пренесе N1.
„Бидејќи сме нормална, демократска земја која треба да ги нормализира односите со земја која не е демократска, а според најпрестижните меѓународни организации се води како хибриден режим, ние не треба да бидеме казнети“, изјави Курти на новинарите по завршувањето на собирот Западен Балкан – ЕУ.
Не е фер, смета Курти, земја во која волјата за влез во ЕУ е 94 отсто да биде заложник на прашањето за нормализација со земја во која 35 отсто од граѓаните сакаат членство во ЕУ и заостанува зад нас во однос на владеењето на правото, почитување на луѓето и малцинствата.
Курти рече дека дијалогот во моментов се води на ниво на главните преговарачи и дека нема ништо ново за можна средба на високо ниво.
„Немаме трговски мерки против Србија, имаме безбедносни мерки“, објасни тој и го наведе примерот со трите заплени на северот на Косово минатата година.
Понатаму тој додаде дека укинувањето на безбедносните мерки нема да се случи се додека има паравоени групи.
Курти, говорејќи за средбата во Скопје, истакна дека таа нема врска со Отворен Балкан, туку со Европската Унија.
„Отворен Балкан не е доволно европски, додека отворена Европа е доволна за Балканот. Отворениот Балкан нема правила и финансирање на ЕУ“, додаде тој.
Курти оцени дека целта на планот за раст е да се искористи слободниот пазар пред влезот во ЕУ.