Косовскиот премиер Албин Курти изјави денеска дека неговата влада врши сериозни подготовки за подигнување тужба за геноцид против Србија пред Меѓународниот суд на правдата, јави дописникот на МИА од Приштина. Обраќајќи се на денешната седница на Собранието на Косово посветена на Меѓународниот ден на жената 8 Март, Курти рече дека намерата му е да се осигура дека ќе биде постигнат успех во тој процес.
– Еден од приоритетите на нашата Влада е тужбата против Србија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Ќе биде тоа долг пат, затоа што сакаме да се осигураме дека ќе постигнеме успех во овој процес. Меѓутоа, ние ја започнавме работата во тој правец, изјави Курти.
Тој најави дека во дијалогот со Белград ќе бара Србија да понесе одговорност за сите штети кои ги предизвикала на Косово и ќе бара правда за преживеаните жртви на сексуалното насилство.
– Досега не е зборувано за овие случаи во дијалогот со Србија. Ние ќе се осигураме тоа да се смени, бидејќи не може да има помирување без барање извинување. Без казнување на воените злосторства не може да има спокој, изјави Курти.
На пратениците на денешната седница им се обрати Васфије Красниќи–Гудман, првата жена – жртва на сексуалното насилство за време на војната во Косово, која што во октомври 2018 година јавно проговори за нејзиното силување од страна на припадниците на српските сили во 1999 година.
Красниќи-Гудман рече дека и од собраниската говорница, од која таа денеска се обрати, во минатото имало изјави кои ги повредиле жртвите на сексуалното насилство и дека тие и ден-денес се стигамтизирани од косовското општество.
– Се чувствувам добро кога знам дека има членови (на Собранието) кои ги поддржуваат, мажи кои ги бранат и поддржуваат жртвите на сексуалното насилство. Меѓутоа, се чувствувам лошо кога знам дека има членови кои не ги бранат и поддржуваат. И од оваа говорница се кажани работи кои многу не повредуваат нас жртвите. Нашата земја, нашето општество нас не стигматизира, изјави Красниќи-Гудман.
Таа повика да се промени таквата пракса и жртвите да го добијат заслужениот третман и побара односот кон воените злосторства и казнувањето на злосторниците да биде посериозен. Спикерката на косовскиот парламент Вјоса Османи изјави дека е болно тоа што „и две децении по војната за случаите на торутура и сексуална злоупотреба се молчи“, додека пратеничката на Движењето Самоопределување (ВВ) Саранда Богујевци предложи 14 април, денот кога пред 21 година е силувана Красниќи-Гудман, да биде прогласен за Ден на сеќавањето на жртвите на сексуалното насилство.