На денешен ден 7 септември 
1533.- Родена е англиската кралица Елизабета Прва, ќерка на кралот Хенри Осми и неговата втора жена Анa Болен. Во текот на 45-годишното владеење Елизабета Прва успешно ги консолидирала внатрешните прилики и одлучувачки придонесла Англија да излезе на сите светски мориња. Во 1588 година со победата над шпанската „Непобедлива армада“ станала прва поморска сила. Во текот на нејзиното владеење, во 1566 година била основана Лондонската берза. Во 1587 година со погубувањето на заробената шкотска кралица Марија Стјуарт, предводничка на римокатоличката струја, ја осигурала превласта на англиканската црква.
1701.- Со договорот потпишан во Хаг, познат под името „Големата алијанса“, бил создаден сојуз меѓу Англија, Холандија и Светото римско царство за војна против Франција.
1764.- Станислав Поњатовски бил крунисан за крал на Полска. Тој бил последниот крал во полската историја, а судбината му ја доделила и улогата на гробар на полската независност бидејќи кон крајот на 18. век се вмешале моќните царства Русија, Прусија и Австрија кои ја поделиле Полска. Како независна држава Полска била обновена дури во 1918 година.
1812.- Кај селото Бородино, близу Москва, почнала прочуената Бородинска битка меѓу француската војска на Наполеон Бонапарта и руската војска предводена од фелдмаршалот Михаил Иларионович Кутузов. Бородинската битка била една од најкрвавите битки во 19. век во која војувале 133.000 француски и 117.000 руски војници, а во која загинале 50.000 француски војници и 47 генерали и 44.000 руски војници. Иако се чинело дека битката е без победник, по засилувањето на Кутузовата војска Наполеон бил принуден да се повлече. Во 1814 година руските војски, заедно со армиите на своите сојузници влегле во Париз.
1822.- Република Бразил добила независност. Бразил бил португалска колонија од 1530 колонија. – Национален празник на Бразил.
1860.- Италијанскиот револуционер Ѓузепе Гарибалди со своите „црвени кошули“ го зазел Неапол кој бил под австриско влијание. Тогаш конечно било укинато Неаполското кралство, а локалната династија Бурбон отишла во прогонство.
1901.- Со мирот во Пекинг завршило таканареченото Боксерско востание во Кина. Тоа бил бунт на селаните и на градското сиромашно насление против странските империјалисти и домашните угнетувачи (1899-1900). Востанието го предводеле членовите на тајното здружение „И хе таун“, а било задушено со заедничка акција на трупите на европските сили, на Јапонија и на САД.
1909.- Роден е американскиот филмски режисер од ерменско потекло Елија Казанџоглус, познат како Елија Казан. Добитник е на награда на фестивал во Венеција, како и на повеќе Оскари. Филмови: „Едно дрво расте во Бруклин“, „Пинки“, „Бумеранг“, „Џентлменски договор“, „Паника на улиците“, „На брегот“, „Трамвајот наречен желба“, „Вива Запата!“, „Источно од рајот“, „Беби Дол“, „Дива река“.
1913.- Роден е американскиот физичар Џејмс Алфред ван Ален. Тој ги открил двата појаса на зајакнато зрачење кои ја обвиваат Земјата. Појасите во форма на прстени, подоцна се наречени „Ван Еленови радијациски појаси“, кои ги откри со помош на Гајгер-Мелеровите бројачи поставени во 1958 година на вештачите сателити „Експлорер 1“ и „Експлорер 2“.
1940.- Авионите на нацистичка Германија го почнале бомбардирањето на Лондон. Оваа акција била позната под името Лондонски блиц.
1962.- Тајван ги прекинал дипломатските односи со Лаос, неколу часа по воспоставувањето на дипломатските односи на Лаос со Кина и со Северен Виетнам.
1989.- Во Скопје умрел Борис Атков, македонски борец во Шпанската граѓанска војна (1936-1939) и учесник на Првото заседание на АСНОМ. Голем е неговиот придонес во развојот на културата и филмот во Македонија. Роден бил во Скопје, во 1904 година.
1992.- Белорусија ја признала Република Македонија, а истовремено донесла одлука за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете земји.
1993.- Во Скопје била пуштена во работа меѓународната телекомуникациска врска меѓу Република Македонија и Република Бугарија, на релацијата Скопје-Софија.
1993.- Шест поранешни советски републики – Русија, Белорусија, Казахстан, Узбекистан, Ерменија и Таџикистан – потпишале договор за задржување на рубљата како заедничка валута.
1997.- Во Скопје бил отворен првиот Мекдоналдс ресторан во Македонија (во светот има повеќе од 20.000 Мекдоналдс ресторани).
1999.- Во земјотрес во Атина загинаа 139 лица.
2005.- Умрел италијанскиот пејач и текстописец Серџо Ендриго, кој во шеесеттите години од 20. век се прославил со хитот “Io che amo solo te”. Со песната “Canzone per te” победил на музичкиот фестивал во Сан Ремо во 1968 година.
2005.- Во Египет биле одржани првите непосредни повеќепартиски претседателски избори на кои Хосни Мубарак по петти пат го освоил шестогодшниот претседателски мандат. На претходните избори Мубарак бил избиран како единствен кандидат во египетското собрание.
Избор МИА