„Мицкоски лаже како и за се друго. Наречете ги како сакате, нека бидат и економски работници, тие само ја менуваат терминологијата заради манипулација“, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска за темата со мигрантите и пораките од Владата. Според неа, фактите се следни:
„Законот за странци е усвоен. Олеснети процедури. Одлука за отворање на вратите за 10.000 работници само во 2026 година од странство е усвоена. Значи може како сакаат да ги наречат, економски работници, странски работници, мигранти, азиланти суштината е иста“, рече Кузеска, додавајќи дека „ги отпуштаат нашите работници, за да се направи простор за „економски работници“.
„И на крајот, луѓето и самите гледаат колку „економски работници“ има на улиците. Не треба ние да им кажуваме. Луѓето не се слепи“, кажа портпаролката на СДСМ.
Викендов британскиот амбасадор Метју Лосон изјави дека едноставно не е вистина дека постои договор меѓу Македонија и Велика Британија за примање мигранти во замена за пари. Тој во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24 рече дека идејата британската влада да направи нешто што на македонската влада не би ѝ одговарало е апсолутна невистина и неколкупати потенцираше оти таков договор не постои.
Веднаш по ваквиот настап на амбасадорот, се огласија од членовите на Владата. Вицепремиерот и министерот Александар Николоски порача дека како меур од сапуница се распрснала, како што напиша, лагата на СДСМ за „мигранти за пари“. Свој став искажа и премиерот Христијан Мицкоски велејќи дека со изјавата на Лосон паѓа целата конструкција што опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со месеци се обидувале да ја наметнат во јавноста.
Педесетина работници, пред сѐ од Тетовско-гостиварскиот Регион, ангажирани на изградбата на автопатските делници од Коридорот 8 што ги гради компанијата „Бехтел и Енка“, добиле откази иако, како што велат, договорите за работа не им се истечени, објави ТВ Телма. Кога во саботата дошле на работа во базата на „Бехтел и Енка“ кај автопатот Тетово – Гостивар, биле известени дека веќе нема да бидат ангажирани во градењето на Коридорот 8. Тие одржаа и протестен собир со цел да го искажат револтот со оглед дека голем дел од нив имаат важечки договори.