Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција изјави дека измените на Законот за странци, усвоени во септември оваа година, претставуваат „нов доказ за вистината“ за која, според неа, владејачкото мнозинство се обидува да воведе цензура.
Кузеска оцени дека неодамна усвоената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ имала за цел да ја замолчи опозицијата и да спречи јавна дебата за прашања од висок јавен интерес.
„Немаат како да се борат со вистината за една голема тема – мигранти за пари. Затоа сакаат да воведат цензура против слободата на говорот“, изјави Кузеска.
Таа најави дека СДСМ ќе објави нови докази и порача дека граѓаните сами треба да заклучат „дали и што е договорено“.
Според Кузеска, клучен доказ се измените на Законот за странци, со кои, како што рече, значително се олеснува постапката за добивање дозвола за привремен престој и работа на странци, особено за оние ангажирани на стратешки проекти и кај стратешки партнери.
„Во измените јасно се гледа дека се воведуваат исклучоци со кои полесно се одобрува престој за странски работници на стратешки проекти, без оглед на квотите и без мислење од надлежните институции“, изјави Кузеска.
Според неа, во член 83 се воведуваваат неколку „исклучоци“ со кои полесно ќе се добива дозвола за странец односно економски работници кои работат на стратешки проекти и со стратешки партнер.
„Став 1. Цитирам: По исклучок, привремен престој заради работа ќе се одобри и на странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, независно од искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во Република Северна Македонија, односно без издавање на мислење од страна на Агенцијата.
Став 3: „За странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, се издава потврда дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот. Потврдата дека правниот субјект е со статус на стратешки партнер каде работи странецот, ја издава Министерството за економија и труд.“
Дали има стратешки проекти и стратешки партнер? Да. На кого се однесува ова олеснување? На сите им е јасно“, тврди портпаролката на СДСМ, па додава:
„Член 85, став 5: „Од одребите исклучок привремен престој заради вработување се одобрува со приложување само на Договор за работа и образложение за потребата на работното место“.
Таа на крајот порача дека измените јасно покажуваат „за кого се донесени“ и дека токму поради тоа, според СДСМ, власта се обидува да ја замолчи јавната дебата.
„Затоа сакаат да ни забранат да го изговараме зборот“, рече Кузеска.