Кузеска: Она што го нудат Мицкоски и Силјановска Давкова е да се откажеме од иднината

од Nikola Popovski

Она што го нудат Мицкоски и ДПМНЕ заедно со Силјановска е да се откажеме од иднината. Даваат лажни ветувања кои никогаш нема да се остварат. Доволно е само да се погледне што се случи во Скопје, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, ДПМНЕ не донесе никаква позитивна промена, не донесе никаква реформа, само катастрофа. Вели дека ист е примерот и со предлогот за претседателски кандидат на опозицијата во ликот на Давкова.

-ДПМНЕ не може да донесе никакви позитивни промени затоа што единствената шанса за Македонија е членството во ЕУ – а тие се против тоа. Со ДПМНЕ нема ЕУ ниту за 100 години. Изборот пред граѓаните е јасен. Напред по европскиот пат на напредокот со СДСМ или назад во изолација со ДПМНЕ, порача Кузеска.

Во тек е конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО ДПМНЕ за претседател на Република Македонија, а единствен кандидат кој што поднесе кандидатура до партијата е токму пратеничката Силјановска Давкова. Делегатите на партијата во моментов имаат тајно гласање, кое ќе трае до 16 часот, по што ќе биде соопштена формалната одлука.

Државната изборна комисија соопшти дека петмина кандидати собрале 10.000 потписи за својата кандидатура.

Место на избирачкото ливче за претседателските избори добија кандидатот на ДУИ Бујар Османи, кандидатот на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари, кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски, кандидатката на Левица Билјана Ванковска и кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Слични содржини