СДСМ уште еднаш повтори дека со брза и навремена реакција на Владата спречи ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата.
-Мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, придонесе цената на струјата да биде покачена за само 9,48% што е далеку под првичните прогнози од над 25%. Притоа евтината ноќна тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рекстрикции нема да има, изјави на прес-конференција, портпаролката на владеачката партија, Богданка Кузеска.
Кузеска додаде дека цената на електричната енергија е глобален проблем потврдуваат и покачувањата на цената на струјата во многу држави, а најизразено е во Турција каде електричната енергија за домаќинствата поскапи за 50 отсто, додека за компаниите и за над 100 отсто.
-За граѓаните од ранливата категорија, обезбедени се и 60 милиони денари со Програмата за заштита на потрошувачите на електрична енергија. Со оваа мерка ќе се опфатат околу 7.500 домаќинства со ниски примања во времетраење од 12 месеци, кои ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството. Економијата е стабилна и ликвидна, државата е подготвена да им помогне на граѓаните и компаниите за надминување и на овој предизвик, рече Кузеска на прес-конференција, прва за СДСМ во Новата година.