Кузеска: Во контра Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ има игра на зборови – мигрантите ги кријат зад термини како „економски работници“ или „нелегални мигранти“

„Контра протести, контра Резолуција, лажни вести, закани со кривични - исто како во време на Никола Груевски“, обвинува Кузеска

од Nikola Popovski
19 прегледи

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска упати обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ дека цела недела одбегнуваат да одговорат на нивните повици и да ја потпишат Резолуцијата во којашто стои дека се против носење на мигранти. Кузеска вели дека „наместо да застанат заедно со нив, партијата на Христијан Мицкоски поднесе контра Резолуција“.

-Контра протести, контра Резолуција, лажни вести, закани со кривични пријави, исто како во време на Никола Груевски. Со контра Резолуцијата ДПМНЕ–ЗНАМ го потврди она што СДСМ со денови го говори: постои договор „мигранти за пари“.

Државата е во тешка финансиска состојба, дупката моментално е 1 милијарда евра. Трезорот се затвора пред време, доцнат исплати за породилно, социјална помош, на ДДВ, нема пари за плати и пензии. Но, парите не и требаат на власта за граѓаните, туку за пумпање пари преку наместени тендери и бизниси.

Сите ги видовме криминалните шеми, 161 тендер, 14,5 милиони евра само кај две фирми. Затоа договараат мигранти за пари и скапи кредити што утре ќе ги враќаат младите и идните генерации, порача портпаролката на СДСМ, додавајќи дека во контра Резолуцијата нема ниту една јасна одредба што забранува носење мигранти од Британија за пари.

Според неа, има игра на зборови, мигрантите ги кријат зад термини како „економски работници“ или „нелегални мигранти“. Кузеска е децидна дека ова е, како што вели, национално предавство и тврди дека Владата на Христијан Мицкоски ја распродава иднината на Македонија.