На прес-конференцијата, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ја нагласи сериозноста на трагедијата во Кочани, која однесе уште една жртва.
„Болката сè уште е огромна, а прашањата за одговорноста за институционалните пропусти стануваат сè погласни,“ истакна Кузеска, додавајќи дека ваквата трагедија со толку тешки последици повикува на неселективна истрага.
Таа потсети дека и покрај серијата пропусти непосредно на денот на трагедијата, ниту еден командир, инспектор, началник или функционер на Министерството за внатрешни работи – од ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ – не е повикан на распит ниту опфатен со истрагата.
„Тие биле на функција, имале законска обврска и должност да постапат на 16 март,“ рече Кузеска. Законот за јавни собири јасно вели дека за масовен настан со над 600 луѓе мора да има полициско присуство и безбедносен план, дури и ако настанот не бил формално пријавен. Факт е дека МВР не постапило соодветно; не изготвило безбедносен план и не направило проценка на ризик, иако настанот бил јавно најавен,“ додаде таа.
Кузеска истакна дека МВР е одговорно и за дозволите и контролата на употреба на пиротехника во затворен простор, која била основна причина за пожарот. „Полицијата, која била на лице место во дискот, забележала малолетници, пиротехника, непријавен настан и клуб без лиценца – и не презела ништо,“ нагласи Кузеска.
Таа се запрашува како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функционери кои биле на позиции тој ден, наведувајќи го Томо Донев, началникот на криминалистичка полиција во Кочани, кој е фотографиран на партиски состанок на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали поради оваа блискост со ДПМНЕ, актуелните функционери од МВР не се опфатени со истрагата? Ова не е прашање на политика. Ова е прашање на одговорност и правда. Граѓаните, жртвите и нивните семејства заслужуваат одговори, а јавноста бара одговорност од прв до последен,“ заврши Кузеска.