Во моментов во земјава се активни 4.139 случаи на коронавирусот, од кои 1.749 се во Скопје. Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок на којшто ќе се разгледа актуелната епидемиолошка состојба со КОВИД-19.
Согласно вчерашната ковид-статистика, направени се 1.890 тестови, а регистрирани се нови 844 случаи на КОВИД-19, од кои 188 се реинфекции. Оздравени се 851 пациент, а пријавени се три починати лица од Скопје на возраст од 72, 76 и 83 години, сите во болнички услови.
Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот, којашто може да ја примат лицата над 18-годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против Ковид-19. Вакцината е достапна на сите вакцинални пунктови без закажување.
Вакцинацијата се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер” или „Модерна”. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.
Некои од земјите во регионот веќе почнаа да воведуваат мерки за заштита од Ковид-19. Во Црна Гора, поради влошување на епидемиолошката состојба, воведено е задолжително носење заштитни маски, а здравствените власти апелираат до граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19.
Здравствените власти во Грција, пак, велат дека нивната намера е да не постојат мерки што би биле задолжителни и оти се ќе зависи од ситуацијата наесен, но тие сакаат Ковид-19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување, „каде што нема да има потреба од строги или задолжителни мерки”.
Досега во земјата се направени вкупно 2.123.580 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 330.016, бројот на оздравени пациенти е 316.490, на починати е 9.387.