,,Ла Верита“ објави нова аудио снимка каде се спомнува план како да му пријдат на Заев

од desk4
196 прегледи

Италијанскиот десничарски весник ,,Ла Верита“ , преку новинарот пријател на ВМРО ДПМНЕ, објави ново продолжение од аудио снимките , најверојатно направени од Орце Камчев во неговиот дом и за време на неговите телефонски разговори со Бојан Јовановски.

На оваа снимка Јовановски и Камчев разговараат околу процедурата за ослободување од притвор, но и за водењето на постапката за предметот ,,Империја“ од страна на СЈО.

Како што се слуша од презентираниот аудио материјал, Камчев лично ѝ се обраќа на обвинителката Катица Јанева, која со посредство на Боки 13, кој најверојатно седи покрај неа, му објаснува зошто се повикани на распит некои од осомничените лица.

Камчев реагира на тоа, а Јовановски ѝ вели на Јанева дека тој (Орце) се плаши од Лиле (Стеафанова).

Камчев спокојно  возвраќа ѝ вели дека не се плаши, а Јанева се вклучува во разговорот и вели дека е многу зафатена, па затоа сега Стефанова е поангажирана околу ова, но Лиле не може ништо без мене, вели Јанева.

Понатаму во разговорот Боки 13 му открива  на Камчев дека ќе се види со Заев и дека ова само нему (на Камчев) му го кажува. Камчев има резерва за Заев , а Боки 13 вели дека ќе проба да го наметне (Камчев) како што пробувал и претходно да збори за него. На снимката нема објаснување,  по кој повод е средбата на Боки 13 со Заев и каде ќе се случува дали е случајна или намерна за оваа намена.Последната снимка потврдува дека Заев нема ама баш никаква поврзаност, дека допрва ке го „обработуваат“, и авторот го игнорира фактот дека  тој го пријави случајот и тој етој кој ја бара правдата.

Во врска со новите објави на аудио материјали се огласи и специјалната обвинителка Јанева, која вели дека е фрапирана како нејзините постапки „се донесуваат во каква била корелација со случајот „Рекет“.

– Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на информации, вели Јанева, додавајќи дека разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, но во никој случај и во ниеден момент не тргувала со никакво влијание, не ја злоупотребила својата функција и не постапувала спротивно на законот. – Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина, нагласува Јанева.

И јавната обвинителка во СЈО, Лиле Стефанова во пишана изјава вчера го отфрли како невистинито искажаното од Јордан Камчев во снимката објавена во италијанскиот весник „Ла Верита“ и смета дека целта е да ја дискредитира како обвинител.

– Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител, кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски, наведува во изјавата објавена на веб страницата на ЈОНСК, во која наведува дека како предметен обвинител за предметот „Империја“, кој засега е во центарот на вниманието и околу кој кружат голем број шпекулации, смета дека неопходно е во јавноста да изнесе одредени информации, токму во насока на спречување на таквите шпекулации.

Во изјавата таа појаснува дека во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обиделе да извршат влијание врз предистрагата што во тој период била насочена против нив и други лица, користејќи го нејзиното познанство со  Ванчо Чифлиганец.

Бизнисменот Ванчо Чифлиганец, во меѓувреме, во писмено соопштение ги негираше наводите изнесени во новите објавени снимки од разговорите меѓу Боки 13 и Камчев за случајот „Рекет“.

– Би сакал одговорно да и соопштам на јавноста дека таков наводен разговор во врска со некакво барање кон едно од лицата што се јавуваат во снимката, се нема случено, бидејќи, без исклучок, не сум таков човек кој влегува во такви разговори. Мојот животен пристап секогаш бил да помагам на луѓе во согласност со законските прописи. Без предметно е, дури и попатно споменување на моето име, стои во изјавата на Чифлиганец.

На објавените снимки на весникот „Ла Верита“ се слуша како Камчев вели дека Чифлиганец му барал дуќан за стоматолошки ординации за обвинителката во СЈО, Лиле Стефанова.

Новообјавените снимки беа повод власта и опозицијата повторно да си разменат обвинувања во врска со случајот „Рекет“. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оценува дека е совршено јасно дека „имаме работа со криминален октопод и дека тоа е реалноста, но, додава, прашањето е што преземаат власта и институциите“. Тој на објавата на неговиот фб профил повикува тие кои се огрешиле пред законот и се посрамотиле пред граѓаните да понесат одговорност и прашува зошто се уште Катица Јанева не е во притвор, зошто ниту Фрики, ниту Кики не се повикани на распит.

-Зошто Заев ги штити криминалците во своите редови, па ќе се јави сомнеж или можеби себепотврда, дека тоа го прави ороводец во штитењето на тој криминал, вели Мицкоски.

Премиерот Зоран Заев исто така преку Фејсбук порача дека мора да се расчистат случаите за кои се води истрага и секој да одговара за тоа што го сторил.

– Истрагата мора да ги открие сите детали. Секој да одговара за своите постапки. Граѓаните заслужија правда, напиша Заев на својот Фејсбук профил по објавувањето на снимките во италијанскиот весник „Ла Верита“ во кој се прикажани и се слушаат разговори на лица осомничени или обвинети во предметите „Рекет“ и „Империја“.

Засега нема одговри кој е авторот на снимките, ниту како се снимани и кој ги дистрибуирал. Објавувач е новинарот Ларис Гајсер, познат по своите десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница, како и со претставници на ВМРО ДПМНЕ и македонската опозиција.

Инаку, италијанскиот весник ,,Ла Верита“, во последниот број пишува дека аферата што ја објавува ќе доведе до пад на ,,марионетската влада во Македонија поставена од Могерини и ЕУ“.