„Ла Верита“ објави нови разговори за „Рекет“, Стефанова повикана на сведочење во ЈО

од desk4
297 прегледи

  Интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ вчера, трет ден по ред, објави нова снимка од разговори меѓу Јордан „Орце“ Камчев и Бојан Јовановски (Боки 13) за случајот „Рекет“.

На снимката тие зборуваат за процедурата за предметот „Империја“ на СЈО во кој е осомничен Камчев, а во еден разговор е вклучена и специјалната обвинителка Катица Јанева, која посредно суфлира и дообјаснува процедури. Во еден дел на снимката Камчев и Боки 13 го спомнуваат и премиерот Зоран Заев и најавуваат средба со него, но нема детали каде и како ќе биде организирана таа средба.

Вчера објавената снимка е аудио и е без датум, па не може да се види кога, како и каде се водени разговорите, а сето тоа е пропратено само со транскрипција на разговорот. Авторот на снимките не е познат, ниту како се снимани и ниту кој ги дистрибуирал.

Објавувач и овој пат е италијанскиот новинар со словенечко потекло Ларис Гајсер, кој е познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница и со претставници на ВМРО ДПМНЕ.

Јавното обвинителство тврди дека снимките не се добиени од кај нив, но дека станува збор за аудио и видео материјали што се дел од доказната постапка во предметот. Според  Обвинителството, материјалите им биле доставени од сведок во предметот.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески за МИА изјави дека обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Лиле Стефанова, која го води преметот „Империја“ и чие име беше споменувано во снимените разговори, е повикана на сослушување во Јавното обвинителство во врска со случајот „Рекет“, за кој се осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Зоки Кичеец.

Стефанова, пак, во писмена изјава го отфрли како невистинито искажаното од Камчев во снимката и оцени дека целта е нејзина дискредитација како обвинител.

По објавата на вчерашната снимка, одново се огласи и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во писмена изјава објавена на веб-страната на СЈО, повторува дека во интерес на предистрагите и истрагите што се водат во Обвинителството што таа го раководи, повеќе пати разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.

– Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага што ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители, посочува Јанева во изјавата.

Таа ги повикува истражните органи што е можно побрзо да ја завршат истрагата и сите форензички вештачења и да ги приберат сите докази поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и, како што посочува, обелување на нејзиното име.

Заменичката на специјалната обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифоска при телефонското гостување во емисијата „Стадион“ на Радио Мрежа Канал 77 изјави дека СЈО прави се за да не и се наштети на постапката за случајот „Рекет“

– Јас не знам чие се име ќе биде спомнато во тие некои наредни снимки што се најавуваат, но треба да се утврди изворот од надлежниот обвинител, кој треба да даде одговор и кој се си зел за право да споменува одредени имиња, изјави Јосифоска.

Во врска со објавените снимки се огласи и премиерот Зоран Заев, кој повика на темелна и независна истрага за „Рекет“, која, како што вели, мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, тој најостро и категорично отфрла каква било поврзаност со Бојан Јовановски.

– Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, исклучиво согласно докази и согласно словото на правото. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават се да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви, пишува Заев.

Тој наведува дека во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат неговото име.

– При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам каква било поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот „Рекет” и за какви било други прашања кои се предмет на истрагата за овој случај, тврди премиерот.

Заев уште еднаш ги повика сите истражни органи во целост да го истражат случајот и да носат одлуки. – Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи, наведува Заев.

СДСМ обвини дека целиот случај со објавувањето на снимките претставува „очигледна борба на тајкуните создадени од режимот на Никола Груевски, впрегнати со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, за уривање на правната држава, недонесување на законот за ЈО, загрозување на евро-интеграцијата на земјата и спасување од одговорност. – Рушењето на правната држава од страна на тајкуните и ВМРО-ДПМНЕ нема да успее, одговорност ќе има, за случајот Рекет, но и за сите други, порача СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, го искористи случајот за нови напади врз извршната власта, оценувајќи дека таа е главната закана и пречка за правдата во земјава и обвинувајќи ја за „отпор кон реформите во Обвинителството“ и за притисоци врз сопственици на медиуми од страна на судството и обвинителството.

Според Мицкоски, Владата под маската за борба против криминал создава и штити криминал.

– Знаеме дека ова не е изолиран случај, туку случајот „Рекет“ е само камче од системот на криминал и корупција кој владее во Република Македонија. На површина ќе излезат и заканите кон многу други луѓе кои оваа власт ги правеше, оценува Мицкоски во врска со најновата објава за случајот „Рекет“.

Неговата партија, пак, смета дека со објавувањето на снимките пред очите на секој граѓанин се распаѓа „фарсата од истрага за случајот „Рекет“.

Инаку весникот „Ла Верита“, кој ги објавува снимките, во изминатите неколку години важи за медиум близок до сегашната опозиција во земјава. Тој беше прв странски медиум кој пред еден месец информираше за „бомбата“ објавена на руски мрежи во која генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, наводно го мести победникот на тендерот за набавка на опрема за М-НАВ.