За владеачката СДСМ,класична дезинформација на ВМРО-ДПМНЕ и неуспешен обид да внесе вознемиреност меѓу граѓаните е информацијата дека нема пасоши и лични карти.
„Како што објави и Министерството за внатрешни работи, патни исправи од сите типови има во доволен број и се одговара на сите барања на граѓаните.
Поради пандемијата, речиси година и пол граѓаните не ги обновуваа патните документи и затоа сега има огромен наплив од барања за нови пасоши. За да им се излезе пресрет на граѓаните се донесе одлука за пролонгирање на важноста на пасошите за да можат сите непречено да патуваат во време на летните одмори“, велат од партијата.
Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ денес на прес-конференија обвини дека Владата на СДСМ и Заев му приредија на народот фијаско и дебакл на народот и граѓаните со недостатокот на лични карти, возачки дозволи.
„Станува збор за очајна мерка за полнење на буџетот, затоа што буџетот е празен, затоа што граѓаните се опљачкани и се зголемуваат давачките. Неколку примери, цената за редовна процедура за издавање пасош е 1,600 денари. Владата СДСМ и Зоран Заев ги принудуваат граѓаните на итна процедура која што чини три пати повеќе односно 4,800 денари, иста е работата и со возачките дозволи, редовната процедура која што сега не е достапна е 280 денари, итната процедура е 840 денари, три пати повеќе се земаат пари од граѓанит“, изјави Ѓорчев.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во наредните пет дена ќе се врши миграција во нов систем и затоа нема да биде во функција системот за прием и издавање на лични документи. Ова е вторпат месецов МВР да прави надградби на системот, поради што по пет дена не работат службите.