Србија треба да покаже доза на државен прагматизам во решавање на косовскиот проблем, затоа што состојбата на замрзнат конфликт, што го предлагаат многу политички партии, е против интересите на Србија, изјави за националната телевизија РТС српскиот вицепремиер и министер за трговија, Расим Љаиќ.

– Се додека во Косово остануваат да живеат Срби, Србија е во позиција легитимно да преговара и да ги штити своите државни и национални интереси, рече Љаиќ. Тој, меѓутоа, предупреди дека со тек на време нивниот број ќе се намалува, затоа што тие „живеат во тешки услови“, а позицијата на Србија во преговорите се повеќе ќе слабее. Љаиќ смета дека затоа е добра идејата на претседателот Александар Вучиќ за забрзување на решавањето на косовскиот проблем, бидејќи може да се дојде до состојба на „лазечка независност“, во која Србија нема да добие ништо.
Љаиќ предлага нормализација на односите со Приштина преку прифаќање на Косово во сите меѓународни организации, со исклучок на ОН и без еднострано признавање од страна на Србија. Во замена за тоа. Белград може да побара финансиска компензација за финансирање на развојот на инфраструктурата, поврзување на Косово со централна Србија и други проекти, кои се од корист за српското население во Косово.
– Тешко можеме да постигнеме политичко влијание во Косово, но економско можеме, затоа што е легитимно, рече Љаиќ.