Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, сумирајќи ја изминатата работна недела, посочи дека за време на средбата со косовскиот премиер Албин Курти детално се подготвил за утрешната средба на високо ниво во Брисел, за која нагласи дека ќе биде многу важна.
Лајчак на Фејсбук изјави дека неделата ја започнал во земји за кои Западен Балкан е високо на агендата.
„Во Виена зборував за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, додека во Брисел имав една од моите редовни размени на мислења со социјалдемократите во Европскиот парламент, кои внимателно го следат регионот и редовно патуваат и комуницираат со Балканот“, рече Лајчак.
Тој додаде дека неделата ја завршил во Грција, каде што учествувал на годишниот економски форум Делфи.
„Грција, како директен сосед на Балканот, добро го познава и го разбира регионот и затоа форумот посвети посебно внимание на европската иднина на регионот. Ова беше во фокусот и на мојот панел оваа година. А конференцијата немаше да биде истата без средба со колегите и партнерите од регионот и пошироко. Го информирав мојот добар пријател грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас за последните случувања во дијалогот, се сретнав со косовскиот премиер Албин Курти за детално да се подготвам за претстојната средба на високо ниво на 2 мај , што ќе биде особена важна, како и со пратеникот на Велика Британија за Западен Балкан од Стјуарт Пич“, нагласи меѓу другото Лајчак.