Лансираа огномет од јахта и предизвикаа пожар на остров: Грците револтирани – „богати луѓе со повеќе пари отколку мозок“

од Nikola Popovski
743 прегледи

Лансиран огномет од јахта во Грција во петокот предизвика шумски пожар на островот Хидра, соопштија локалните пожарникарски власти.

Во пожарот изгоре единствената борова шума на туристичкиот остров, кој се наоѓа јужно од Атина, објавија властите на Фејсбук.

Пожарот сега е ставен под контрола, но со потешкотии. Бидејќи нема патишта до плажата, пожарникарите морале да пристапат до неа по море, додека хеликоптери фрлале вода од воздух.

Причината за пожарот предизвика негодување и бес во Грција, која веќе тешко се бори со неколку шумски пожари и е зафатена од првиот топлотен бран годинава.

„Ние сме револтирани што некои луѓе толку неодговорно фрлаа огномет во борова шума“, изјавил градоначалникот на Хидра, Јоргос Кукудакис, за грчката телевизија „ЕРТ“, додавајќи дека градот ќе чека да ги види резултатите од прелиминарната истрага пред потенцијално да побара правна постапка против луѓето со јахтите.

Осуди имаше и на социјалните мрежи – „богати луѓе со повеќе пари отколку мозок“, напиша едно лице во коментарите.

Грција е во состојба на готовност поради шумски пожари од вторникот, а властите се подготвуваат за тешко лето бидејќи продолжуваат сувите услови, силните ветрови и високите температури.

Во петокот, 55-годишен пожарникар доброволец почина од повредите со кои се здоби при гаснење на пожар во јужниот регион Илија на полуостровот Пелопонез.

Летните пожари се вообичаени во Грција и научниците ја поврзуваат зголемената фреквенција и интензитетот на екстремните временски настани, вклучително и топлотните бранови, со климатските промени.

Но, земјата има проблем и со подметнувачите на пожари – најмалку 79 лица беа уапсени минатиот август за смртоносните пожари.

На почетокот на оваа година Грција донесе построги закони за подметнувачите на пожари, а на сторителите сега им се заканува затворска казна до 20 години и парични казни до 200.000 евра, пишува Би-Би-Си.

Слични содржини