Латвија го стави Горан Бреговиќ на црната листа поради поддршка на руската агресија

од Љубиша Владимиров
79 прегледи

Босанскиот музичар Горан Бреговиќ и руско-литванската пејачка Кристина Орбакаите се прогласени за непожелни лица во Латвија. Веста ја потврди министерот за внатрешни работи на земјата, Рихардс Козловскис, во телевизиско интервју за латвиската национална телевизија. Според изјавата на министерот, одлуката е донесена по препорака на Службата за државна безбедност (ВДД).

Причината е нивната поддршка на руската агресија врз Украина и учеството на јавни настани одржани на окупираните украински територии.

„Клучната причина е поддршката на агресијата против Украина и учеството во јавни настани на окупираните територии. Латвија ја поддржува Украина и ќе продолжи да го прави тоа. Таквите активности се неприфатливи за нас“, изјави Козловскис.

Согласно податоците на ВДД, Бреговиќ имал неколку настапи на Крим по неговата анексија од Русија во 2014 година, а во повеќе наврати јавно ја изразувал својата поддршка за Русија, при тоа ширејќи дискредитирачки пораки против западните земји. Исто така, службата информира дека Орбакаите настапувала на Крим и била дел од различни настани со пропаганден карактер, организирани од руските власти.

„Според проценката на ВДД, делувањето на лица кои ја поддржуваат руската агресија не е во интерес на националната безбедност на Латвија, бидејќи може да предизвика меѓуетнички тензии во нашето општество“, соопшти ВДД.

Бреговиќ и Орбакаите требаше да настапат во Латвија ова лето, а билетите за нивните концерти веќе беа пуштени во продажба. Се очекува настаните да бидат откажани.

ВДД и Министерството за внатрешни работи ги повикаа организаторите на културни и јавни настани да бидат внимателни при поканување на уметници кои настапуваат во Русија или на териториите кои се под руска окупација во Украина, бидејќи тоа се смета за индиректна поддршка на руската агресија и можни воени злосторства. Според латвискиот информативен портал lsm.lv, минатата година на црната листа на Латвија биле додадени 480 странски државјани по препорака на безбедносните служби.

Слични содржини