Лавров: Русија не ги променила своите услови за мир во Украина

Сè уште не е одреден датум за средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Ова го објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Неговата изјава доаѓа откако CNN објави дека е одложен подготвителниот состанок меѓу министрите за надворешни работи, Марко Рубио и Сергеј Лавров.

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/МНР на Русија

Сè уште не е одреден датум за средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Ова го објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Неговата изјава доаѓа откако CNN објави дека е одложен подготвителниот состанок меѓу министрите за надворешни работи, Марко Рубио и Сергеј Лавров.

Русија не ги променила условите за мир во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој беше огорчен што CNN шири информации за неговата одложена средба со американскиот државен секретар Марко Рубио. А портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „средба која не е договорена не може да се одложи“.

„Ниту претседателот Трамп ниту претседателот Путин не посочија конкретни датуми. Потребна е подготовка, сериозна подготовка и двете страни знаат дека ова може да потрае“, рече портпаролот на Кремљ.

Според него, европските сојузници на Украина го поттикнуваат Киев да ја продолжи војната. Коментарите доаѓаат како одговор на заедничката изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски и 10 европски лидери во кои се повикува на итен прекин на борбите во Украина и сегашната линија на контакт да биде почетна точка за преговори.

Заедничката изјава ја дадоа британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Џорџа Мелони, полскиот премиер Доналд Туск, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, норвешкиот премиер Јонас Сторе, данската премиерка Мете Фредериксен и финскиот претседател Александар Стуб.

„Меѓународните граници не треба да се менуваат со сила, а Украина треба да биде во најсилната можна позиција за преговори“, се вели во соопштението.