Изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ стана прашање на чест за Германија, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

„Мислам дека е време да се смириме во врска со ова прашање. Секојдневно гледаме како САД се обидуваат јавно да ги понижат ЕУ и Германија и како бараат Германија да го напушти „Северен тек 2“ и да премине на многу поскап американски природен гас. Сега, јас лично мислам, стана прашање на чест за Германија“, рече Лавров, пренесува Танјуг.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во понеделникот изјави дека Вашингтон формира коалиција за да го попречи завршувањето на гасоводот „Северен тек 2“.

На почетокот на септември германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот министер за економија Питер Алтмаер ја разгледаа можноста за запирање на работите на гасоводот од Русија до Германија, како дел од воведувањето санкции против Москва поради труењето на опозицискиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц потоа рече дека труењето на критичарите на руската влада и гасоводот „Северен тек 2“ не треба да се поврзуваат.

„Северен тек 2“ треба да го удвои капацитетот на постојниот „Северен тек“, гасовод од Русија до Германија. Се очекува да започне со работа следната година, откако е завршен повеќе од 90 проценти.

Слични содржини