Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска пристигнува во Белград, каде ќе се сретне со претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Клучна тема на разговорот со највисоките официјални претставници на Србија ќе биде предлогот на Вашингтон, каде лидерите на Србија и на Косово ќе се сретнат на крајот на јуни во Белата куќа.
Неговиот тајминг зборува и за важноста на таа посета, затоа што не е вообичаено висок функционер како Лавров да ја посети земјата два дена пред нејзините избори.
Пред денешната средба со претседателот Вучиќ и министерот Дачиќ, Лавров најави дека очекува да разговара како српската власт ги гледа практичните чекори на оние земји што ги нудат своите услуги за посредување во продолжение на дијалогот.
Српскиот член на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, исто така, ќе се сретне со Лавров во Белград, а претходно ќе се сретне и со претседателот Вучиќ.
Посетата на Сергеј Лавров доаѓа неколку дена откако српскиот претседател телефонски разговарач за Косово и Метохија со рускиот претседател Владимир Путин, а од Кремљ соопштиле дека „Москва е посветена на изготвување компромисно решение прифатливо за Белград, кое мора да биде одобрено од Советот за безбедност на ООН“.
Лавров пристигнува во Белград еден ден откако Мирослав Лајчак се обиде да го „рестартира“ дијалогот во Приштина и да ги придобие тамошните власти за договорот со Белград.
Средбата во Белата куќа, како што најави Ричард Гренел, ќе се одржи на 27 јуни, а пред тоа, на 24 јуни, српскиот претседател ќе замине во Москва, каде ќе присуствува на одбележувањето на Денот на победата и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.