Лавров: Западот ја претвора Македонија во „алатка“ во анти-руската игра

од Nikola Popovski
267 прегледи

Западот се обидува да ги претвори Црна Гора и Северна Македонија во „алатка“ во анти-руската игра, изјавил рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, објави ТАСС.

„Се гледа разликата помеѓу она што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што нивните политичари се принудени да го прават од Брисел, ЕУ и НАТО. Ова е обид да се претворат во „алатка“ во анти-руската игра“, бил категоричен Лавров.

Рускиот министер потенцирал:

„Земјата стана Северна Македонија за да влезе во ЕУ (каде што не беше прифатена и нема да биде прифатена во скоро време). Наместо тоа, тие ги вовлекоа во НАТО, почнаа да ги загреваат русофобичните чувства, агресивната политика кон Руската Федерација. Истото го направија и со Црна Гора: ветија дека ќе влезат во ЕУ, но рекоа дека треба да влезат во НАТО, да се приклучат на санкциите и да заземат став кој е отворено антируски. Тажно е тоа“, рекол Лавров во интервјуто.

Тој исто така додал: „Бев во посета на Скопје и Охрид, видов како луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија. Бев и во Црна Гора. Посетив манастири и храмови“.

Лавров позитивно ја оценува одлуката на Архиерејскиот собор за Српската православна црква (СПЦ) за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ).

– Ова (обновување на евхаристичкото единство меѓу СПЦ и МПЦ) го оценувам како позитивно. Тоа е разумна одлука на СПЦ и патријархот Порфириј, вели Лавров.

Според министерот, „ова е достоен одговор на интригите на цариградскиот патријарх“.

-Тој се обиде засекогаш да го закопа секој однос меѓу другите православни цркви, пред се српската и македонската. Овој провокативен план е спречен, нагласил Лавров и додал:

– Со обновувањето на канонското општење меѓу СПЦ и МПЦ доаѓа до повторно воспоставување на евхаристичкото единство со Руската православна црква, за што сме заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието, заклучил Лавров.

Слични содржини