Лазаров од македонско-бугарската стопанска комора: Посетата на премиерот Петков остава простор за оптимизам

од Vladimir Zorba
922 прегледи

За првиот човек на македонско-бугарската стопанска комора Кирил Лазаров,единствениот и засега најлесен пат до решението меѓу Македонија и Бугарија е економијата. Безизлезната ситуација на политичкиот наратив обременет со дијаметрално различни историски концепти според него е доволно јасен показател дека најдобро е да почнеме да промовираме политики кои се базираат исклучиво на инвестициски, инфраструктурни и енергетски проекти кои ќе донесат вработувања за младите од двете држави.

Оттука, вели Лазаров во интервју за „Локално“, секој друг избор кој е спротивен  на економската платформа ќе предизвика штети врз деловната клима и трговските односи.

„Сериозните инвеститори нема да сакаат да инвестираат во земја која нема јасен патоказ и преспектива кон ЕУ, па не еден туку сто берлински процеси да има,дециден е тој.

За Лазаров е дегутантно да зборува за историја и политика бидејки тоа како што вели, на бизнисмените им создава чувство на назадување, на стагнација и отсуство на визија за иднината.

„Имаме два избора, економска платформа која проектирa здрава иднина или историски бесконечни наративи кои проектират минато без перспектива“, вели Лазаров.

Во исчекување на  прецизни бројки за инвестициите во 2021 г. заедничката соработка, тврди би била од взаемна корист.

„Бугарија е многу напред во користење на фондови за туризам, земјоделие, енергетика и можеме многу да научиме од нив, истото важи и за нив, нивните пари, капитал, интереси нека ги оплодат тука, наместо некој друг. Стратешко партнерство се заслужува, не се наметнува. На крај, од поголемиот брат се очекува да пружи рака наместо блокада“, заклучува Лазаров.

Во очекување на посетата на бугарскиот премиер Петков, Лазаров е оптимист во однос на олабавувањето на меѓусебните односи.

„Мислам дека клучот е кај Брисел и Вашингтнон, но до кога со странски помагачи? Доволно сме зрели и рационални за сами да се договориме ако имаме европски дух.

На 18 јануари во официјална посета на земјата доаѓа бугарскиот премиер Кирил Петков.Што мислите, можни ли се олабавувања во меѓусебните односи? Има ли простор за оптимизам дека овојпат од бугарската страна ќе “дувнат некои поинакви ветришта’’?

-Не гледам друг избор, алтернатива или било која резервна варијанта. Не дали треба или сакаме, туку новиот свет наметнува дека МОРАМЕ.Ќе си дозволам да коментирам малку геополитика, официјална Софија често милува да каже дека клучот односно патот на Македонија е преку Софија, во ред, но и одговорноста за можна нестабилност или мешање на други регионални и геополитички сили кои не делат исти вредности со ЕУ ќе бидат  тие што го имаат клучот. Газда без одговорност не постои, клучот е во Софија и за можноста овие народи место да соработуваат да се замразат и за последиците ќе одговара кај оној кај што е “клучот“. Јас мислам дека клучот е кај Брисел и Вашингтон, но до кога со странски помагачи? Доволно сме зрели и рационални за сами да се договориме ако имаме европски дух.

Лидерот на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски, изјави дека историјата не може да биде единствена тема на разговормеѓу  Бугарија и Македонија, односно дека треба да се разговара и за иднината преточена во инвестициски и инфраструктурни проекти, во економска и културна соработка. Дали според Вас на овие полиња можеме полесно да се „најдеме“?

-Денес живееме во еден од најдинамичните периоди на современата глобализација и истата се темели на брзи економски текови, дигитализација, зелена енергија, размена на знаења, иновации, образование и современи технологии. Кога морам да зборам за историјата, лично јас, но и генерално мојата генерација на бизнисмени, имам чувство на назадување, на стагнација и отсуство на визија за иднината.

Дегутантно ми е да зборувам за историја, политика и слично. Ја почитувам историјата само како темел на постоење и култура на една посебност на секој кој ќе се чувствува така како што се чувствува врз база на историски и емпириски факти. Но, да навлеземе во дискусии кој каков јазик да говори, или од кога и како потекнува, тоа е концепт на 19 век кој веднаш треба да се напушти. Ние на Балканот немаме голем избор, се соочуваме со масовно иселување и со глобални кризи како што е пандемијата, енергетската криза, економската безидејност, и ни фали уште историја на сите проблеми. Ова се глобални проблеми кои бараат глобални одговори, односно заеднички пристап кон решавање на овие горки проблеми.

Имаме два избора, економска платформа која проектира здрава иднина или историски бесконечни наративи кои проектираат само минато без преспектива.Во светло на сите овие факти, ние веднаш, ако може и денес да почнеме да промовираме политики кои се базираат исклучиво на инвестициски, инфраструктурни и енергетски проекти кои ќе донесат вработувања за младите од Бугарија да не одат во Британија и младите од Македонија да не одат низ целиот свет.Јас сеуште силно верувам дека политиката и политичарите постојат за да ги решат проблемите, а не да ги комплицираат. Историјата е важна компонента, но таа дефинира минато, а економијата дефинира иднина.

Со оглед на досега нерешените политички односи на политички план кои економијата, трговските односи и соработката ги ставија во улога на жртва, што мислите, можеме ли да градиме стабилни политички врски без солидни економски релации?

-Сум потенцирал неколку пати во јавноста дека политиката е само бреме на економијата, посебно онаа политика зачинета со историја, но, ова е Балкан, и економијата и политиката одат рака под рака, и ако е веќе така, тогаш економијата треба да биде предвесник на политичките односи, економијата ќе ги релаксира политичките односи. Реално, денес е обратно, прво мора да има релаксирање со политика за да таа создаде атмосфера на доверба во економијата, и тоа би имало логика само ако политиката воспостави систем на вредности, систем на нула корупција и динамични реформи, но тука не така, во односите помеѓу Софија и Скопје има историја на политика, политичка историја помеѓу народите. И, економијата тогаш е жртва, заложник и блокиран сегмент на политиката.

Затоа јас велам дека е потребен обратен модел, и тоа од економски аспект, развој на економија, проекти и инвестиции кои ќе го поплочат патот на политиката за полесно да дојдеме до решение. Реално, ние вака само се одалечуваме. Во светот е сосема поинаку, постојат политички недоразбирања помеѓу некои земји членки на ЕУ, но таму економијата, почитта и работата си врви.

Во колкава мера политичките криза и очигледниот недостиг на разбирање и соработка негативно влијаат  врз деловната клима и трговските односи меѓу двете држави?

-Влијаат, тука мораме да бидеме отворени и искрени до крај. До пред првото вето на Бугарија, ние имавме економски односи кои беа во нагорен тренд, и после трговскиот суфицит кој го имаме со Косово, ние бевме блиску и со Бугарија да го достигнеме тој трговски суфицит во наша корист.Политичка криза нема, но има недоразбирања кои се несватливи за целиот свет кој го следи овој процес од блиску. И, тоа се наметнува до таа мера што ќе предизвика амозитет и недоверба помеѓу народите.

Сериозните инвеститори нема да сакаат да инвестираат во земја која нема јасен патоказ и преспектива кон ЕУ, па не еден туку сто берлински процеси да има.Едноставно пазарот е мал, ограничен и непродуктивен, затоа ни треба ЕУ пазарот. Блокадата од Бугарија ни нанесува и сериозни економски штети затоа што ги одвраќа сериозните инвеститори. Лоша тактика на Бугарија, односно на политичките елити таму. Но, во светло на идните односи и новите политички номенклатури во Бугарија како и на стратешките интереси на САД и ЕУ на Балканот можам да заклучам дека сепак работите ќе одат во многу попозитивен правец. Нема друга алтернава, тој е патот.

Кои мерки се имплементирани од Договорот за пријателство и соработка, на пример во делот на роамингот, граничните контроли, даночни олеснувања, прекуграничен инфраструктурни проекти, транспортно и дигитално поврзување…? 

-Можам да говорам од наша преспектива. Постои иницијатива која е заокружена за предвидените фази за заокружување на коридорот 8 помеѓу Албанија, Македонија и Бугарија со конкретни чекори и точки кои значат брзо проектирање, започнување и финиширање на инфраструктурните позиции а со тоа поврзување на црноморските пристаништа со оние на јадранското море во Албанија и тоа ќе поминува низ нашата територија. Ние го имаме завршено комплетно новиот граничен премин Клепало кај Берово, но поврзувањето од страна на Бугарија е забавено.И секако мега проектот за железничкото поврзување од Куманово до границата со Бугарија и таму постои силен динамичен процес. И експресниот пат Куманово – Крива Паланка – Деве Баир односно експресно поврзување до бугарската граница. Станува збор за силен инвестициско-инфраструктурен циклус од наша страна од стотици милиони евра. Оние за заеднички гранични контроли, даночни олеснувања и други можни нивоа на соработка ќе зависат од динамиката на идните односи на соработка.

Колкави се овогодишните инвестиции на двете земји и во кои полиња најмногу соработуваме?

-Се сумираат податоците, сеуште е почеток на годината, се прават пресметките за последниот квартал и ќе имаме официјални и прецизни бројки за инвестициите за минатата 2021 година. Најмногу соработка имаме во финансискиот сектор, земјоделието и малку во преработувачката индустрија, секако постои огромен потенцијал за многу следни проекти во многу области кои имаат стратешка компонента како туризмот, зелените енергетски проекти и земјоделието.

Каде би ги лоцирале основните пречки во создавањето на динамичен инвестициски циклус, реализирање на проекти од стратешко економско значење и позасиленото економско поврзување на двете земји?

-Лесно се воочуваат т.н пречки кои реално не би постоеле ако се надминат политичко-историските недоразбирања. Формулата е едноставна, односи низ призма на економија, а не на историја или поточно односи базирани на економска платформа, взаемна почит и иста цел и визија, се друго е техника, дали ние преку комори, работни групи кои би ги дефинирале стратешките проекти за соработка или други методолошки пристапи е прашање на оперативно ниво, важно е да решат политичарите да одиме напред.

Коридорот 8 останува дамнешно нереализирано ветување.Колку  македонско- бугарската стопанска комора може да повлијае врз повторното активирање на овој проект?

-Ние како комора во рамките на нашите надлежности на секоја средба, симпозиум или состаноци со сите релевантни чинители го имаме потенцирано и препорачано овој коридор за клучен во нашите идни економски односи со Софија и тоа впрочем беше поткрепено со заклучоците од Берлинскиот процес во 2021 година. Конечно, во Собранието помина законотза склучување договор иВладата и американската компанија Бехтел Енка го потпишаа меморандумот за разбирање за изградба на Коридорот 8. Тоа ќе претставува добра можност за Република  Македонија, бидејќи ќе овозможи земјата да добие нова геополитичка тежина како мост меѓу балканските земји. Овој проект ќе поминува низ Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, па се до Ќафасан – Албанија и пристаништата на Јадранско море и  преку Скопје, Куманово па се до бугарската граница и понатаму до Црно Море. Со овој коридор се предвидува преструктурирање на постојната инфраструктура, но и нови градби со автопатски и експресни решенија.

Коридорот 8 е еден од десетте трансевропски коридори, дизајниран да ја олесни размената на стоки и луѓе меѓу земјите на ЕУ, балканските земји кои се граничат со Црното Море и Каспиското Море и земјите од Централна Азија. Важноста на Коридорот 8 е тесно поврзана со неговата важност од енергетска гледна точка, ќе овозможи преку Средоземно Море пристап до големите касписки енергетски ресурси и ќе овозможи на компаниите пристап до европските пазари. Коридорот 8 е од огромно стратешко значење.

Која би била вашата порака до политичарите за 2022 година? Како да ги затворат тешките прашања и да отворат пат за поголема економска соработка и позитивен деловен амбиент?

-Иднина место минато, пријателство наместо омраза. Нека се водат само со една парадигма, нашите деца и идните поколенија да останат тука, а не далеку. Односи низ призма на економија наместо историја, европски дух наместо балкански. Сите ќе имаме бенефит, Бугарија е многу напред во користење на фондови за туризам, земјоделие, енергетика и можеме многу да научиме од нив, истото важи и за нив, нивните пари, капитал, интереси нека ги оплодат тука, наместо некој друг.Стратешко партнерство се заслужува, не се наметнува. На крај од поголемиот брат се очекува да пружи рака наместо блокада.

К.В.С.

Слични содржини