Селекцијата на Македонија синоќа беше поразена од Бугарија со 1:0 на арената „Тоше Проески“ во последното коло од групата Ц од Лигата на нации, а самиот натпревар одбележа голем набој меѓу двете селекции. Со оглед на односите меѓу двете земји и нетрпеливоста што преовладуваше, беше исвиркана бугарската химна. Сепак тоа не беше се, бидејќи имаше говор на омраза од трибините, како и поголема тензија во текот на мечот, а австрискиот судија Јулијан Вајнбергер покажа 8 жолти и еден црвен картон.
Лазарин Лазаров од Бугарската академија на науките и член на Клубот за академски реформи во разговор за „Локално“, говорејќи на темата вели дека не очекува официјална реакција од Софија во поглед на синоќешните случувања на стадионот во Скопје.
-Не очекувам официјална реакција. Инаку, ние Бугарите сè повеќе разбираме дека Македонците се одделиле од нас, особено помладата генерација, вели Лазаров.
Според него, погрдните скандирања од трибините и исвиркувањето на бугарската химна не претставуваат одлика дека еден народ не се придружува до евроинтеграцискиот пат.
-Степенот до кој еден народ се придржува до европските вредности не може да се процени според постапките на фудбалската публика, смета аналитичарот.
Тој е дециден и не смета дека тоа што синоќа се случи на трибините може да влијае на македонско-бугарските односи или да претставува кочница на патот на Македонија кон ЕУ.
Околу говорот на омраза, Лазаров вели не е лесно да се искорени.
-И претходно имам кажано дека говорот на омраза не може административно да се отстрани од институциите. Затоа, транспортните и културните врски мора драстично да се подобрат, порачува Лазаров.
Осуда од МНР, реагираше и Ковачевски, молк од Софија
Македонското министерство за внатрешни работи за неполни 24 часа ги осуди настаните на трибините на арената „Тодор Проески“. – Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла, се наведува меѓу другото во соопштението на МНР.
По истиот повод се огласи и премиерот Димитар Ковачевски.
-Не е точно дека не сме реагирале, ние секогаш сме реагирале кога има дејствија кога се нарушува углед по било кој основ. МНР реагираше, но реагиравме и на друг натпревар во којшто играа репрезентациите, но сепак сметам дека најдобар начин да се навива е да се бодри сопствениот тим и да се почитуваат противниците, изјави денеска Ковачевски.
Од официјална Софија засега молк по повод настаните.
Н.П.