Една од највиралните фотографии, наводната сателитска снимка од пожарите во Австралија, се покажа како лажна, иако ја споделија дури и популарни личности, како што е Ријана.
Во ужасните пожари во Австралија кои траат од октомври, загинаа 25 лица и околу 500 милиони животни, а уништени се околу 2.000 домови.
Но, популарната мапа всушност е визуелизација и симулација на сите пожари кои се случија изминатите месеци и колку тие ја погодиле Австралија. На социјалните мрежи оваа симулација се споделува со опис „Каде сè гори во Австралија во моментов“, со што се добива впечаток дека континентот е пред колапс.
Вистината е дека голем дел од пожарите кои се објавени на фотографијата се изгаснати или под контрола, а кризни подрачја се само неколку. Авторот на мапата Ентони Херси исто така напоменува дека ова е своевиден дијаграм, а не мапа во живо на сите пожари.
Не се целосно точни ниту споредбите колкава е Австралија споредена со Европа или Северна Америка. Објавена беше и уште една мапа од активни пожари, но всушност се работи за сосема друг тип на мапа, на која се одбележани изворите на топлина на копното.
Интересно е што во овој случај алгоритмот на Фејсбук ја препозна и правилно ја одбележа мапата како лажна вест и нерелевантна информација.