Лажни се дојавите за бомби во повеќе училишта низ Македонија

од Nikola Popovski
21 прегледи

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување.

Напоредно со ова се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.

-Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави. Воедно, Министерството за внатрешни работи повикува и апелира за смиреност во јавноста и воздржување од ширење на дезинформации околу ваквите настани што инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот, велат од полицијата.

Дојави за бомби имаше во повеќе основни и средни училишта во Скопје, Тетово, Штип, Кочани, Куманово…Сите ученици беа евакуирани и испратени дома.

Во 2022-ра година безмалку еден месец имаше дојави за поставени бомби во повеќе основни и средни училишта во земјава. Од претпоставки за хибридна војна, странски сили, тинејџери кои сакаат да избегаат од часови, па се до кластер на заканувачи на кои полицијата им влегла во траг. Ова се само дел од сценаријата коишто беа разгледувани од страна на институциите.

Заканите започнаа на 26 октомври 2022 година. Мета беа пред се училиштата, каде речиси секојдневно пристигнуваа дојави за поставени бомби. Тензијата започна во Скопје, но набргу се прошири и во останатите градови. Алармот се вклучи и во државните институции, аеродромот, железничката станица, трговските центри, медиумите кои исто така се најдоа на мета на лажните дојави.

Слични содржини