Лажни се заканите за бомби на скопскиот аеродром и дел од училиштата

од Nikola Popovski
198 прегледи

Полицијата информира дека завршени се проверките на меѓународниот аеродром Скопје и дел од училиштата, при што е утврдено дека лажни се дојавите за експлозивни направи.

-Завршени се проверките на Аеродромот Скопје и дел од училиштата и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. По завршувањето на проверките во другите објекти соодветно ќе известиме, ни соопштија од МВР.

Поради нови закани за поставени бомби, утрово беше затворен Аеродромот, а електронски пораки со иста содржина добија повеќе училишта, хотели и институции во македонскиот главен град, но и во Битола.

Десет училишта во Скопје и пет во Битола добиле закани, како и хотелот „Александар Палас“, хотел „Мериот“, трговскиот центар „Ист Гејт“, спортската сала „Борис Трајковски“…

Веднаш по добиените пријави, полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, соопшти МВР.

Заканите за поставени бомби ги затвори хотелот Александар Палас, каде што денеска во 10 часот требаше да говорат македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министрите за економија и финансии Крешник Бектеши и Фатмир Бесими на конференција организирана од Советот за унапредување на високото образование.

Инаку, вчера дури 49 училишта во Скопје и Куманово добија дојави за бомби, за кои е утврдено дека се лажни.

Слични содржини