Министерството за внатрешни работи (МВР) ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Кавадарци дека на електронските адреси на училиштата била испратена закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
-Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и по извршени проверки утврдено е дека станува збор за лажни пријави, додаваат од полицијата.
Во текот на денот се огласи и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
-Денес по пријава за поставена бомба во неколку основни и средни училишта, евакуирани се учениците и тоа од: О.О.У ,,Тоде Хаџи Тефов’’ Кавадарци, и подрачно училиште во село Бегниште, ,,Димката Ангелов Габерот’’ Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, ,,Страшо Пинџур’’ Кавадарци, и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, С.О.У Гимназија ,,Добри Даскалов’’ Кавадарци и С.О.У ,,Ќиро Спанџов Брко’’. Освен училиштата, во село Марена евакуирана е и градинката, заради непосредната близина на подрачното училиште. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Се замолуваат родителите дека нема потреба од паника, а учениците ќе бидат вратени на настава, откако екипите ќе ги прегледаат објектите и кога ќе се утврди дека истите се безбедни, објави Јанчев.
Во претходниот период дојави за бомби имаше во училишни установи во Скопје и Крива Паланка. После спроведените проверки на МВР, сите закани беа утврдени како лажни.