Велшките власти го свртија вниманието на граѓаните кон случаи на измама со вакцини против ковид-19, каде што некои луѓе давале пари за вакцини кои инаку се бесплатни, а некои жртви и примиле такви вакцини од непознато потекло, како во Велс така и во други делови на Велика Британија.
Националната здравствена служба (НХС), поддржана од државата, во моментов обезбедува бесплатна имунизација во Велика Британија, а министерот за здравство на Велс, Фон Гетинг, ја предупреди јавноста за измамата што се случува со вакцините против ковид 19.
„Постојат голем број измами поврзани со ковид-19, вклучително и особено сериозен чин во кој луѓето беа измамени да плаќаат за непозната вакцина против коронавирусот, а потоа тие биле вакцинирани“, рече Фон Гетинг на прес-конференција.
„Сакам да бидам јасен – нашата НХС никогаш нема да побара некој да плати за вакцината против ковид-19. Тие се бесплатни. НХС никогаш нема да ги бара вашите банковни податоци, а вакцините не ви се доставуваат на влезната врата од луѓе кои не се идентификувани како вработени во НХС“, нагласи министерот.
Предупредувањето на министерот следуваше откако Националната агенција за криминал (НЦА) минатата недела ја повика јавноста да биде внимателна, известувајќи дека измамниците бараат од постарите и ранливите луѓе парични средства за пристап до лажни или непостоечки вакцини.
Лондонската полиција во петокот објави дека измамник одзел 160 фунти од 92-годишна жена за наводна вакцина и ја прободел во раката со нешто што го опишал како налик на пикадо, откако тој ненајавено се појавил во нејзината куќа.