ЛДП: Со екстерното тестирање власта го продолжува насилството врз граѓаните

од Vladimir Zorba
73 прегледи

Со завршувањето на зимскиот распуст и почетокот на второто полугодие од оваа учебна година, продолжуваат фрустрации за околу 20.000 матуранти, за нивните родители и блиски поради екстерното тестирање, кое е „бесмислен хир“ на власта на ВМРО-ДПМНЕ, велат од Либерално-демократската партија (ЛДП).

Од партијата велат дека е нелогично само со прашања со заокружување, кои треба да се научат напамет, да се проверува знаењето на учениците.

„И покрај противењето на експертската фела и повиците за квалитетна расправа за оправданоста на екстерното тестирање, власта тврдоглаво се држи за овој несоодветен проект. Ова, заедно со низа други лоши проекти, како и севкупната погрешна образовна политика се причини за низа слабости во образовната сфера“, стои во соопштението на ЛДП.

Оттаму велат дека „новата влада од која дел ќе биде и ЛДП“, ќе го укине екстерното тестирање и ќе „реализира повеќе квалитетни проекти кои ќе доведат до унапредување на образованието на сите нивоа“.

„Граѓаните во Македонија кажаа дека се против екстерното тестирање, кое не донесе ништо добро на образованието, освен што ги трауматизира учениците и прави притисоци врз наставниците, професорите и родителите. Непочитувањето на ставот на мнозинството граѓани од страна на власта во заминување, која што и во јануари ќе спроведува екстерно само да го задоволи сопствениот каприц, е класично насилство врз волјата на граѓаните“, нагласуваат од ЛДП./Мета