Либерално-демократската партија (ЛДП) смета дека останува крајно нејасно како усвоената Резолуција во македонското Собрание ќе помогне за развој на демократијата и напредокот на државата. Овој документ, велат оттаму, не решава апсолутно ништо, не креира суштински политики и со ништо не го подобрува стандардот или благосостојбата на граѓаните.
Како партија, целосно ја отфрламе хистеричната популистичка реторика која сее страв и поделби меѓу граѓаните – пракса која во минатото ја применуваше тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а која денес подеднакво ја промовира СДСМ во опозиција. ЛДП со индигнација ја отфрла оваа Резолуција со која Собранието ја осудува опозицијата, потсетувајќи ја јавноста дека ние, иако сме опозициска партија која не учествува во власта, ниту сме придонеле за актуелната антимигрантска хистерија, ниту некогаш ќе промовираме политики засновани на ксенофобија, нетолеранција и расизам.
Напротив, ЛДП секогаш била и ќе биде гласот на мудроста и совеста, фокусирајќи се на политики кои носат благосостојба, економски просперитет и почитување на човековите права. За нас, човековите права се универзална вредност – истите права и почит што ги очекуваме за Македонците и нашинците кои живеат во странство, инсистираме да бидат загарантирани и за сите оние кои се предмет на македонските закони во државата, порачуваат од партијата на Моника Зајкова и додаваат дека не ни треба омраза и хистерија, туку добро законско решение кое точно, јасно и прецизно ќе регулира кој може, а кој не може да дојде, да престојува и да мигрира во Македонија.
-Упатуваме јавен повик до сите политички сили итно да ја пренасочат дебатата од популистичките војни кон она што е навистина важно: обезбедување долгорочен развој за земјата. Додека се троши енергија на празни резолуции, Македонија се соочува со низок раст, намален наталитет, масовна емиграција и економска стагнација. Тоа е она што народот го бара и тие заложби мора да бидат водечки принципи во политичкиот дискурс. Граѓаните на Македонија заслужуваат напредок, а доколку другите не се способни да го овозможат, ЛДП во соработка со граѓанскиот сектор и сите прогресивни сили во државата, ќе најде начин како да го испорача тоа, соопштуваат од ЛДП.