Лефков објави документ од „Службен весник“: Филипче работел на изградба на прифатен центар за мигранти

Според Лефков, Филипче и СДСМ имале партиска и државна политика за населување мигранти и тоа го поткрепува со документот од „Службен весник“

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков денеска објави документ, според кој, како што тврди, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како министер во тогашната Влада на Зоран Заев, работел на отворање на мигрантски камп во Бардовци.

Лефков соопшти дека Филипче во 2018 година учествувал во носењето План за проект за изградба на прифатен центар за мигранти во Бардовци.

-Имено, во „Службен весник на Република Македонија“, на ден 26.01.2018 година, број 16, страна 189, точка 1.6, стои, цитирам: „Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци“. Ова е поминато на Влада и за тоа Венко Филипче гласал со две раце.

Овие мигранти кои тогаш Филипче сакал да ги прими, се истите тие мигранти кои сега прават проблеми во Европа. Да не беше притисокот од ВМРО-ДПМНЕ тогаш, денес ќе имаше мигранти во Македонија, истакна Лефков.

Според него, Филипче и СДСМ имале партиска и државна политика за населување мигранти и тоа го поткрепува со документот.

-Ваквото манипулаторство значи дека крадецот вели „држете го крадецот“, кога човек со сомнителни морални особености се претставува како праведен, а нечестен криминалец се претставува како чесен адвокат на правдата. И декларацијата и темата за мигрантски кампови се обиди само за спас на криминалите на Заев и Филипче, кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.