Легендарниот Кире Лазаров влезе во историјата на Светските првенства во ракомет

од Stefanija Kuzmanovska
456 прегледи

На репрезентацијата на Северна Македонија во последен момент ѝ беше дадена можност да игра на Светското првенство во ракомет во Египет, а на Кирил Лазаров со тоа му беше овозможено да постигне неверојатен подвиг. Имено, Лазаров стана првиот играч кој постигнал гол на Светското првенство во четири различни децении.

Тој синоќа постигна пет гола против Шведска во поразот на својот тим (32:20), а интересно е што тој ја затресе мрежата за првпат исто така во Каиро на Светското првенство што се одржа во 1999 година на натпреварот против Саудиска Арабија. Во тоа време тој имаше само 19 години.

На следните четири планетарни смотри немаше Македонци, тие се вратија во 2009 година кога Хрватска беше домаќин, а Лазаров го сруши рекордот на СП со дури 92 гола на своето конто.

После Хрватска, Северна Македонија учествуваше на четири од петте светски шампионати. Логично, Лазаров продолжи да ја „решета“ мрежата на противникот, а во 2017 година беше и најдобар стрелец со 50 погодоци.

Лазаров започна да игра професионално ракомет во 1995 година, кога играше за Борец. Оттаму се пресели во Пелистер, а потоа играше за Загреб две години. Добрите партии во Хрватска го препорачаа во Веспрем, каде помина долги пет години, од каде се врати во Загреб за втор мандат. Во последната деценија играше за Ал Сад, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона, а во моментов е член на Нант.

 

Слични содржини