Шон Кемп (55), легендарен НБА кошаркар и поранешен член на познатите Сиетл Суперсоникс, се соочува со 10 години затвор откако се изјасни за виновен за случајот од 2023 година во кој пукал во две лица кои провалиле во неговиот автомобил пред трговски центар во Такома, Вашингтон.
Според обвинението, Кемп првично бил обвинет за напад од прв степен со огнено оружје, но обвинителите подоцна додале и втора точка за пукање од автомобил.
Имено, како што рече Кемп во своја одбрана, тој отворил оган врз сторителите кога ги затекнал како вадат работи од неговиот автомобил. Во полицискиот извештај е наведено дека реагирал во самоодбрана, меѓутоа, прашањето е колку ова му помогнало во постапката, бидејќи сега се соочува со затворска казна од 10 години.
Нападот од втор степен обично носи стандардна казна од три до девет месеци, но максималната казна за овој вид прекршок е 10 години затвор и парична казна од 20.000 долари.
Кемп треба да биде осуден на 22 август, па исходот останува да се види.
Шон Кемп беше еден од најспектакуларните играчи во лигата за време на неговата НБА кариера. Тој беше шесткратен Ол-стар, а со Гари Пејтон и Детлеф Шремф, беше дел од најатрактивниот тим на Сиетл во историјата, кој играше во финалето на НБА во сезоната 1995/96 против Булс на Џордан со „72-10“. Чикаго ја доби серијата со 4-2.