Лејен доаѓа на гости: „Инвестицијата во иднината на Западен Балкан е инвестиција во иднината на ЕУ“

од Vladimir Zorba

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во својот годишен говор за состојбата на ЕУ, ја истакна важноста на европската интеграција на Западен Балкан и најави претстојна посета на регионот.

„Пред крајот на месецот, патувам во регионот за да испратам силен сигнал за нашата посветеност кон процесот на проширување. Тоа им го должиме на сите млади луѓе кои веруваат во иднината во Европа“, рече фон дер Лејен.

Говорејќи пред Европскиот парламент во Стразбур, фон дер Лејен рече дека ЕУ, исто така, ја зајакна финансиската поддршка за Западен Балкан преку нов инвестициски и економски план, кој претставува околу една третина од БДП на целиот регион на Западен Балкан.

„Инвестирањето во иднината на Западен Балкан е инвестиција во иднината на ЕУ“, заклучи Урсула фон дер Лејен, испратена со аплауз од европратениците.

Говорејќи за улогата на ЕУ како глобален играч, претседателката на Европската комисија истакна дека тактиката на одбрана на интересите на ЕУ не е само во зајакнување на сопствените капацитети на одбраната, туку и во создавање силни партнерства низ целиот свет како основа за идна стабилност и просперитет.

„Таа работа започнува со продлабочување на нашата соработка со нашите најблиски сојузници, како што се САД. Соединетите држави и ЕУ секогаш ќе бидат посилни заедно, а истото важи и за нашите соседи на Западен Балкан“, рече фон дер Лејен.

Таа предупреди дека Европа „може и мора“ да направи повеќе сама на меѓународната сцена, пред се за да обезбеди стабилност во најблискиот регион.

„Ако не реагирате навреме на кризата во соседството, кризата ќе дојде кај вас“, заклучи фон дер Лејен.

Слични содржини