
- Кујнски сунѓери
Сунѓерот за миење садови чисти и собира бактерии во текот на денот, па, за тие да не се пренесат на садовите, потребно е да се дезинфицира или често да се менува. За дезинфицирање, потопете го во смеса од 3/4 белило и 4 литри вода. Исто така, може да го исперете во машината за садови или едноставно да купите сосема нов.
- Просторот меѓу домаќинските апарати
Можеби просторот меѓу апаратите во кујната зафаќа помалку од 1 метар, но дефинитивно е замка за многу прав и нечистотија. Земете долга и тенка цевка од правосмукалката и употребете ја за да ги отстраните сите бактерии од кујнските ќошиња.
- Кеси за повеќекратна употреба
Платнените кеси за пазарување сè повеќе се употребуваат бидејќи се еколошки прифатливи. Но, кога станува збор за чистотата, многу често се заборава на нив. За да се отстранат долготрајните бактерии, потребно е често да се перат, секако, со внимание кон материјалот од кој се изработени.
- Кутиите и полиците во фрижидерот
Внатрешноста на фрижидерот често ја зачистуваме со крпа, но не треба да се заборави дека барем еднаш во месецот треба да се исчистат и кутиите и полиците. Извадете ги и потопете ги во топла вода со малку сјај за да се ослободите од сите скриени бактерии што останале од прехранбените производи и од нивната амбалажа. Честото чистење на кутиите и на полиците не само што ќе помогне да имате похигиенски фрижидер туку ќе придонесе да се спречи непријатната миризба во фрижидерот.
- На врвот на елементите во домот
Немојте да заборавате на повисоките површини што, исто така, бараат да бидат исчистени од насобраниот прав. Тоа се површините на фрижидерот, шкафовите, лустерите, рамките на прозорците и вратите, како и корнизите за завеси, кои, поради тоа што се поставени повисоко, често се забораваат во процесот на чистење и дополнително создаваат прав низ домот.
- Малите електронски апарати
Дали некогаш сте помислиле дека далечинското е највалканиот предмет во вашиот дом? Во оваа група спаѓаат и мобилниот уред и слушалките, кои собираат еден куп бактерии. Чистете ги овие елементи почесто со крпа натопена со дезинфекциско средство или со чист алкохол.
- Метлата
Можеби сцената во „Пријатели“ кога Моника ја чисти големата правосмукалка со помала ви беше урнебесно смешна, но не е далеку од вистината. Неопходно е да ги чистите и апаратите за чистење. Метлите се одлични за отстранување на здодевниот прав, но во тој процес неизбежно е негово лепење на нивните влакна. За потоа да не го пренесете правот низ целиот дом, потопете ја метлата во топла вода со малку сјај и оставете ја да се исуши пред наредната употреба.
- Шапки, марами, ракавици, чанти
Онолку внимание колку што посветувате на останатиот дел од облеката, а можеби и повеќе, треба да посветувате на овие парчиња. Овие додатоци секогаш се оставаат насекаде во домот и на работното место, а и надвор од нив. Од таа причина се извор на многу бактерии и нужно е да не заборавате да ги исперете. Кожените чанти и ракавици поминете ги со специјално средство за чистење кожа.
- Торбата за опрема за вежбање
Како што никогаш не би заборавиле да ја исперете опремата за вежбање, немојте да ја заборавате ниту торбата во којашто ја пренесувате неа. Перете ја почесто во машината за алишта, а ако е поголема и не ја собира, исперете ја на рака или, пак, поминете ја внатрешноста со влажна крпа и потоа ставете малку сода бикарбона за да ја отстраните непријатната миризба.
- Ролетни
Металните ролетни избришете ги нежно со влажна крпа, а дрвените на истиот начин, само со помалку вода, и потоа не заборавајте да ги поминете со сува крпа бидејќи, во спротивно, може да се уништи дрвото.