Лекари предупредуваат дека Џулијан Асанж може да умре

од Aleksandar Petrovski
334 прегледи

Група лекари испратија писмо до британската министерка за внатрешни работи Прити Пател, во кое изразуваат сериозна загриженост за здравјето на Џулијан Асанж.

Писмото е потпишано од повеќе од 60 лекари од многу земји, кои инсистираат на тоа дека на основачот на Викиликс, кој моментално е во затворот Белмарш во Лондон, итно му треба преглед на физичкото и менталното здравје.

Експертите предупредуваат дека Асанж може да умре доколку не се преземат соодветни мерки и оти ситуацијата е итна и нема време за губење.

Лиза Џонсон, една од потписничките на писмото, изјави дека е неопходна независна медицинска проценка на здравјето на Асанж за да се утврди дали е способен за судење.

– Во согласност со владеењето на правото и човековите права, британските власти мора да послушаат сојуз на медицински експерти ширум светот и да го префрлат Асанж во соодветна здравствена установа пред да биде предоцна, рече Џонсон.

Пред една недела, Џон Шиптон, таткото на Џулијан Асанж, во интервју за норвешки медиуми изрази загриженост дека екстрадицијата на неговиот син ќе значи и негова смрт.

Слични содржини