Леклер веднаш може да го порази Фетел, смета поранешен пилот на Ферари

од Vlatko K

Шарл Леклер веднаш ќе почне да го победува Фетел, штом се приклучи на Ферари во 2019. Ова е мислењето на поранешниот тест пилот на Скудерија Рафаеле Марчело. Леклер ќе биде втор најмлад пилот на тимот во Ф1, кој беше поканет уште за време на дебитантската сезона со Заубер. Шарл е неоспорен талент според мислењето на стручњаците и најверојатно ќе претставува поголема конкуренција за Себастијан отколку што е Кими Раиконен.

„Ќе видиме повторување на ситуацијата во Ред Бул во 2014 година“, пишува Марчело во неговиот Твитер профил. Тој обрнува внимание дека откако Фетел освои четири последователни шампионски титули, во 2014 неговиот нов тимски колега, Даниел Рикардо го надмина. Дани заврши пред него во 14 од 19 старта и заврши трет во шампионатот, додека Себастијан остана на петтата позиција со над 70 поени заостанување.

„Никогаш не сум го поставувал Фетел на нивото на Хамилтон, Алонсо или дури Кубица“, рече Марчело. „Убеден сум дека штом Шарл ќе пристигне во Ферари, ќе го победи веднаш. Мислам дека ако Ферари не ја освои титулата оваа година, тоа ќе биде поради Себастијан“.

„Во годините, во кои ги освои титулите со Ред Бул, тој го имаше Марк Вебер зад себе, а не некој шампион. А и нивниот автомобил беше многу подобар отколку на другите. Споредбата со Раиконен не е соодветна. Кога возев за време на тестовите во Абу Даби во 2014, јас бев седум десетинки побрз од Кими, но овие седум десетинки не значеше дека сум бил посилен од него “.

„Едноставно кажано, јас имав огромна желба да излезам на патеката и да притискам до границата, а Кими можеби ја изгубил оваа мотивација. Соодветна споредба може да се направи со Фернандо Алонсо, кој апсолутно секогаш беше пред Раиконен. Секако, Фетел исто го победува Кими, но не секогаш, а разликата меѓу нив е помала“.

Слични содржини