Директорот на авотбуските превозници „Слобода превоз“ Ленин Јовановски информираше дека не добиле никаква средства од Град Скопје и поради тоа не можат да го одржуваат возниот ред. Тој истакна дека во моментов не бараат целосно исплаќање на долгот кон нив.
-Сакаме да се најде решение. Да имаме тековни уплати кој што ќе бидат доволни за да можат да се завршуваат основните работи од возачите на автобусите. Има иницијатива на приватните превозници е денеска „Слобода превоз“ да продолжи активен штрајк, со кој ќе се изрази револтот и немањето волја на добар начин да се заштити јавниот интерес. Какви ќе бидат позициите после штрајкот, ќе бидете информирани како ќе постапуваат превозниците во време на штрајк. Ние како раководители на фирмите ќе имаме друга улога и активностите ќе се водат од превозниците, рече Јовановски на прес-конференција.
-Јасно е дека должат за месец август дел, цел месец септември и цел месец октомври. Ова не се случило никогаш досега и не паметам во просториите да ни дојдат инспектори од Град Скопје и да ни прават притисок. Ова е удбашка метода и може само да ја влоши состојбата. Нас ни се должат милиони, дополни Јовановски.
Тој демантира дека автобусите на приватните превозници не се фискализирани и дека не се издавало фискална сметка за билетите што се продаваат.
-Фискалните принтери во автобусите не се во во функција. Не можеме да издаваме фискални сметки. Никој од приватните превозници не продава билети бидејќи ние немаме ни задолжени билети за да можеме да ги продаваме. Тоа е втор факт, потенцира Јовановски.
Во поглед на хигиената на автобусите, тој вели дека превозниците можат да ја одржуваат пред да почнат да возат и тогаш треба да се прават контроли дали возилото чисто се вклучува во линија.
-Од моментот кога ќе почне со превозот, ние не можеме да контролираме дел од помладите или луѓето во приградските населби дали ќе влезат со валкани чевли или ќе фрлаат отпадоци. Не можеме да вработуваме и чистач со возачот. Може имало поплаки од граѓаните за хигиената, но не знам зошто тоа се префрла на приватните превозници бидејќи ние сме единствен систем и тоа може да биде општа поплака, информира Јовановски.
Тој додаде дека „нема никаква политика во тоа што си го бараат долгот како приватни превозници“.
-Некој ја врти водата на некоја воденица и сака да направи проблем. Ние ги бараме само парите и затоа рековме не го бараме целиот долг одеднаш, рече директорот на „Слобода превоз“.