Јовановски го поздравува договорот меѓу приватниците и Град Скопје: Пет месеци имаше непотребна екскурзија, се можеше да се направи поинаку

од Nikola Popovski

Не сум дел од процесот, но го поздравувам тоа ако е договорено. Ме радува што конечно ќе се исплатат и ќе почнат со работа. Од старт кажав дека се што ќе се договорат во интерес на превозниците поддржувам. Сами се договараат и се она што мислат дека е најдобро за нив е нивна одлука која што самите си знаат, вака изјави за „Локално“ иректорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски откако денеска беше соопштено дека приватните автобуски превозници постигнале договор со Град Скопје за исплаќање на долгот од 1,5 милиони евра.

Тој уште еднаш потенцира дека се повлече од протестите на превозниците за да не биде пречка во процесите бидејќи, како што тврди, се измешаа работите и се кажуваа некакви заговори, влијанија, интереси.

-Понатаму нека им е со среќа. После целиот овој период губитници се приватните превозници ако земете во предвид дека со месеци не работа, а долговите им беа големи и претходно. Се работи за големи суми што требаше да ги заработат периодов, објаснува Јовановски.

Според него, другите последици што ги има секој си ги знае во доспеаните обврски, но добро е што постои договор и што после пет месеци да се заврши работата.

-После приватните превозници, најголем губитници се и граѓаните, кои гледаме во каква агонија се во целиот овој период откако приватниците не се на линиите. Секојдневно не можат да си ги извршуваат работите, сообраќајот се закочи, се создаваат гужви и сега ќе се растерети ситуацијата. Ќе се види дека едното без другото не може да функционира како што некој мислеше, порача директорот на „Слобода превоз“.

Јовановски е дециден дека се направи непотребна екскурзија и се што требаше да се направи можеше да се случи поинаку за да не дојде до вакви штети и вакуум во превозот.

-Сепак тоа беа одлуки од Градот Скопје. За последиците, ако некој смета дека треба да сноси одговорност, ќе сноси одговорност. Ако нема барање на одговорност, кој ја доведе вака ситуацијата, тогаш тоа е тоа, ни рече Јовановски.

Приватните автобуски превозници уште од ноември минатата година протестираа и не сообраќаа поради долгот што го имаше Градот и ЈСП кон нив. Следуваше блокирање на повеќе раскрсници во градот Скопје, како и на гаражите на ЈСП и бараките каде што се наоѓа администрацијата на Град Скопје.

Јавниот градски превоз, во меѓувреме продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.

Н.П.

Слични содржини