Се наоѓаме во еден важен и пресуден момент за Македонија. Вие сте иднината и убедена сум, според сите анкети, дека огромен дел од македонските млади нема дилеми каква држава сакаат и каква иднина посакуваат, им порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното отворање на учесниците на 4. Мобилен летен универзитет на Балканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Таа потсети дека речиси уште пред три децении политичарите и граѓаните на оваа држава се согласија оти сакаат Македонија да биде посилна, побезбедна и попросперитетна, на тој начин што ќе стане членка на ЕУ и на НАТО и ветија дека ќе ги решаваат сите проблеми што се пречка на тој пат.
– Како Влада, како луѓе се трудиме да го направиме токму тоа. Да најдеме решение на проблемите кои долго време ја мачат ова земја. Најлесно за сите нас ќе беше дел од овие проблеми да продолжиме да ги ставаме под тепих, но видовме дека на секоја деценија, секој од проблемите што сме го ставиле под тепих излегува пострашен и потежок за решавање. Сметавме дека е одговорност на луѓето кои се избрани од граѓаните да решаваат, а не да замрзнуваат проблеми. Сакавме овој проблем можеби најтежок во историјата на Македонија во поглед на нејзиниот однос со соседите да го решиме на достоинствен начин што ќе им покаже на сите граѓани на Македонија дека е можно да направиш компромис, а притоа да го зачуваш, зацврстиш и потврдиш својот македонски јазик, македонски иднетитет и култура. Тоа ни ги отвора вратите на НАТО и на ЕУ и создава перспектива, подвлече Шекеринска во обраќањето.
Осврнувајќи се на нејзини средби со група британски политичари, аналитичари и новинари во однос на прашањето за гласањето и резултатот за БРЕГЗИТ, таа пред учесниците на летниот универзитет школа меѓу другото потенцира дека го немаме луксузот да создадеме изгубена декада за Македонија.
Информирајќи дека главната тема на Мобилниот летен универзитет на Балканот е „Балканските држави и нивните односи со ЕУ и Регионалните интернационални организации: перспективи за пристапување“, професорот Горан Коевски од Правниот факултет, меѓу другото посочи дека целта е да се истражи дали различните модели за интеграција можат да бидат алтернатива за ЕУ и за вклучување на балканските земји.
Професорот Тони Дескоски од Правниот факултет, истакна дека денес имаме ситуација кога земјата се врати на патот на евроатлантските интеграции, а во регионот има нова енергија за прогрес. Говорејќи за миграциската криза од пред неколку години, која, рече, сериозно ја разниша европската солидарност, некои од земјите-членки одговорија со приоритет на националните интереси како што е културниот идентитет, наспроти солидарноста. – Ова претставува историска можност да се редефинира Европа и на вредностите на која е изградена, а кои сега беа предизвикани, рече Дескоски.
Катрин Фрунинсфелд, културно аташе во германската Амбасада во Скопје, посочи дека Македонија, како и другите Балкански земји со европската перспектива во ЕУ треба да реализираат политички, економски и социјални реформи и да имаат солидни легални – правни основи.
– Се надевам дека во блиска иднина ќе има и блиска академска соработка помеѓу Грција и Македонија, изјави Фрунинсфелд, која првата година од дипломатската кариера ја поминала во Солун.
Отмар Сеул од Универзитетот Нантере во Париз Франција, меѓу другото потенцира дека ништо не е поефективно од идеја на ЕУ, да зближат луѓето кои биле разделени од историјата. Според него, на овој летен универзитет професори и студенти од гермнаија и Франција со нивните партнери од балканските земји, ќе разговараат за нивните корени, но исто и за перспективите и стратегиите за евроинтеграција.