Коронавирусот полека стивнува.Во над десетина града во земјава има по едноцифрен број на заболени, додека пак во Пехчево, Демир Капија и Дојран нема активни носители на вирусот.
Вчера во скопските ковид-болници немаше ниту еден хоспитализиран пациент позитивен на коронавирус.
-Нема повеќе притисок во инфективните одделенија во земјава. Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни, а дотогаш ќе работиме со организаторите на разни настани, концерти, тоа што се планира да се организира во текот на летните месеци за да се донесат соодветните протоколи, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Досега во земјата се направени вкупно 804.728 тестирања на КОВИД-19.Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.364, бројката на оздравени пациенти е 148.872, на починати е 5.435, а бројот на активни случаи изнесува 1.057.